• среда, 10 јуни 2026

Во Крива Паланка промовирана книгата „Осаменото магаренце што сакаше да пее"

Во Крива Паланка промовирана книгата „Осаменото магаренце што сакаше да пее

Крива Паланка, 13 мај 2026 (МИА) - Во фоајето на Националната установа Центар за култура Крива Паланка вечерва се одржа промоцијата на првата книга од Мариа Дуда „Осаменото магаренце што сакаше да пее“.

По премиерната промоција во Скопје на 9 мај, вечерва книгата посветена на дел од спасените животни од ранчот „Кантри сајт ретрит" Ранковце, чијашто сопственичка е Мариа Дуда Дибиаггио, беше презентирана и пред кривопаланечката публика, во интересна атмосфера, со присуство на еден од ликовите во книгата, петелот Свирко.

-Присутните имаа можност да се запознаат со ова прекрасно дело што носи силна порака за прифаќањето на различностите, храброста и вербата во пријателството. „Осаменото магаренце што сакаше да пее“ е приказна што допира до сечие срце и нè потсетува дека секој има право на достоинствен живот па и животните, рече промоторката, Мира Георгиевска.

Авторката рече дека книгата е само дел од проектот што ќе продолжи со реализација на театарска претстава во која главни актери ќе бидат животните, а не луѓето.

-Приказната се роди сосема спонтано,за едно реално пријателство помеѓу мини-петленце и едно од трите спасени магариња во ранчот, а низ алегорија оваа приказна ги учи и младите и возрасните за емпатија, сочувство и соживот,со порака дека под ова сонце има место за сите и за среќа но е сосема доволно тоа што е околу нас. Низ целото четиво се провлекува пораката дека сите ние многу често забораваме на онаа чиста, искрена детска радост што секој од нас ја има во себе. Посебно е значајно што магаренцето е еден од главните ликови,но е дел од трите стари магарици што се спасени на мојот ранч,а петлето е тоа што внесува ведрина и радост во нивното секојдневие. Така, пораката е силна и во конотација на тоа дека младите треба да се грижат за возрасните и да им носат светлина и насмевки во животот, изјави Дуда.

Илустрациите во книгата се на Тина Мицкоска, а рецензии напишаа: писателката Ксенија Николова, Војо Иванов, активист и ЗОО негувател, Данче Азманова Мирчевска, автор и претприемач и Денис Јанкуловски - Космонаутико.иб/

Фото: МИА