Во Истанбул средба Ердоган - Шара
- Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган денеска во Истанбул имаше средба со сирискиот колега Ахмед ал Шара, на која се разговараше за билатералните, но и за регионалните и глобалните процеси

Анкара, 24 мај 2025 (МИА) – Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган денеска во Истанбул имаше средба со сирискиот колега Ахмед ал Шара, на која се разговараше за билатералните, но и за регионалните и глобалните процеси.
Ердоган ја поздрави одлуката на САД и на Европска Унија за укинување на санкциите против Сирија, а Шара се заблагодари за „клучната поддршка и напори“ на турскиот претседател за суспендирање на санкциите против Дамаск.
Претседателот на Турција наведе и дека „е неприфатлива израелската окупација и агресија врз сириската територија“ и оти Анкара ќе продолжи да се спротивставува на тоа.
Средбата Ердоган – Шара се одржа зад затворени врати, а присуствуваа и турскиот министер за надворешни работи и за одбрана, Хакан Фидан и Јашар Ѓулер, директорот на турската Национална разузнавачка служба (МИТ) Ибрахим Калин и директорот на Агенцијата за одбранбена индустрија, Халук Гергун. Додека Шара беше придружуван од шефот на сириската дипломатија Асад Хасан ал Шибани и други претставници. ми/
фото: ЕПА