• среда, 28 август 2024

Британскиот премиер Стармер најави тешки одлуки за закрепнување на јавните финансии

Британскиот премиер Стармер најави тешки одлуки за закрепнување на јавните финансии

Лондон, 27 август 2024 (МИА) - Британскиот премиер Кир Стармер предупреди дека предлог државниот буџет во октомври ќе биде „болен“ и дека ќе побара од граѓаните да прифатат „краткорочна болка за долгорочна добивка“.

Во денешното телевизиско обраќање Стармер рече дека ситуацијата со јавните финансии на Велика Британија е „полоша отколку што некогаш замислувале“, обвинувајќи ја Конзервативната партија дека водела погрешна политика во текот на нејзините 14 години на власт, пишува Блумберг.

Британската министерка за финансии Рејчел Ривс, која на 30 октомври ќе ги објави плановите на Владата за економијата, вклучително и промените во оданочувањето и трошењето, претходно соопшти дека открила „црна дупка“ во буџетот поради која најверојатно ќе има зголемување на даноците.

Според најавите, Велика Британија наесен ја очекува поскапување на енергијата за речиси 10 отсто.

Новото истражување на тамошната организација за помош на граѓаните „Ситизенс адвајс“ (Citizens Advice) покажува дека секој четврти човек во Велика Британија е толку загрижен поради зголемените трошоци за енергија што, како што велат, ќе бидат принудени да го исклучат греењето и топлата вода оваа зима.

Анкетираните посочија дека ќе мора да ги преземат овие драстични чекори доколку горната граница на цената на енергијата во Велика Британија се зголеми за предвидениот износ од 150 фунти (176 евра), или за 9,2 отсто.

Греењето, според нивните зборови, ќе го исклучат 31 отсто од домаќинствата со деца и 39 отсто од корисниците со ниски приходи. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан