• сабота, 31 август 2024

Бета: Француски медиуми за посетата на Макрон на Србија

Бета: Француски медиуми за посетата на Макрон на Србија

Белград, 29 август 2024 (МИА) - Новинската агенција АФП денеска пишува дека францускиот претседател Емануел Макрон патува во дводневна посета на Србија, каде што „има намера да ја заврши продажбата на 12 француски борбени авиони Рафал на таа балканска земја која одржува пријателски врски со Русија“, пренесе Бета.

АФП ја истакнува таа тема од интервјуто со српскиот претседател Александар Вучиќ оваа недела, наведувајќи дека тој е „оптимист“ во врска со тоа, додека Елисејската палата им потврди на новинарите дека „се надева“ дека преговорите со групата Дасо, што ги произведува тие авиони, ќе бидат успешни при посетата на францускиот претседател.

Агенцијата забележува дека тоа прашање е чувствително бидејќи „Белград, кандидат за членство во ЕУ, одржува односи со Москва, на која не воведе санкции, и покрај инвазијата на Украина“.

Наведувајќи дека Вучиќ во интервју за АФП изјавил дека речиси сите борбени авиони на Србија дошле од Русија и дека Србија „мора да еволуира“, АФП посочува дека Франција исто така го дава овој аргумент, спомнувајќи ја логиката за „закотвување на Србија во Европската унија“. Така, „Белград може да направи стратешки избор за соработка со европска земја за обновување на нејзината флота, се надеваме во Париз“, смета кабинетот на Макрон.

Инаку, според мислењето на Жан Ноел Баро, министерот за Европа во владата во заминување, „таа енклава (Србија) среде Европската унија ќе стане влезна точка за нестабилност на континентот и за авторитарните режими на Русија и Кина“, објави денеска радио Франс инфо. АФП посочува дека Баро доаѓа во Србија со Макрон, како и со претседателот и генерален директор на Дасо Авијација, Ерик Трапие.

Според Вук Вуксановиќ, истражувач во белградскиот Центар за безбедносна политика, Вучиќ бара замена за старите „сигнали“, а „ако не најде, соседна Хрватска ќе има воздушна надмоќ на Западен Балкан што егото на Вучиќ не може да го прифати“.

Според него, како што пренесе Бета, Вучиќ смета дека со купување на „Рафали“, што се исклучително скап производ на француската индустрија за оружје, тој „ќе ја купи политичката заштита и услугите на претседателот Макрон“.

Франција официјално го поддржува процесот на пристапување на Србија во ЕУ, што Макрон го повтори во писмото објавено денеска во Србија: „На Европската унија и нејзините земји-членки им треба силна и демократска Србија на нивна страна, а на Србија и треба силна и суверена Европска унија за одбрана и промовирање сопствени интереси“. зш/

Остани поврзан