• сабота, 31 август 2024

Бела куќа: Бајден и Си ќе разговараат телефонски во следните недели

Бела куќа: Бајден и Си ќе разговараат телефонски во следните недели

Пекинг, 30 август 2024 (МИА) - Претседателите на Кина и САД, Си Џинпинг и Џо Бајден ќе разговараат телефонски во следните неколку недели, соопшти денеска Белата куќа, откако советникот за национална безбедност Џејк Саливан се сретна со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји. 

На средбата во Пекинг, Ванг побара од САД „да престанат да го вооружуваат Тајван и да го поддржат мирното обединување на Кина“, се наведува во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението на Белата куќа се наведува дека Саливан „ја подвлече важноста од одржување на мирот и стабилноста преку Тајванскиот теснец“.

Саливан планираше да се сретне со заменик-претседателот на Централната воена комисија на Кина, Џанг Јукиа. Џанг во минатото зборуваше за решеноста на Пекинг да ја преземе контролата над Тајван.

На меѓународен поморски собир претходно годинава, Џанг рече дека Кина ќе возврати со употреба на сила доколку нејзините интереси бидат загрозени.

Тој рече дека територијалниот суверенитет на Кина „не толерира прекршувања и нејзините суштински интереси не можат да бидат оспорени“.

-Ние не предизвикуваме проблеми, но никогаш нема да се предадеме на провокација, рече тој.

Пекинг, исто така, го предупреди Вашингтон да „не ги поддржува или охрабрува Филипините“ да ги прекршуваат правата и интересите на Кина во Јужното Кинеско Море.

Белата куќа соопшти дека Саливан ја потврдил посветеноста на САД за одбрана на своите индо-пацифички сојузници и изразил загриженост поради дестабилизирачките дејства на Пекинг против „легитимните филипински поморски операции“ во Јужното Кинеско Море.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан