• вторник, 27 август 2024

Асад: Напорите за нормализирање на односите со Турција засега се неуспешни и покрај посредништвото на САД, Ирак и Иран

Асад: Напорите за нормализирање на односите со Турција засега се неуспешни и покрај посредништвото на САД, Ирак и Иран

Дамаск, 26 август 2024 (МИА) – Сирискиот претседател Башар Асад изрази скептицизам во врска со досегашните напори за нормализирање на односите меѓу Турција и Сирија, велејќи дека и покрај посредништвото на некои земји, овие обиди не доведоа до значителни резултати, јави турскиот сајт Хаберлер.

Во говорот пред парламентот, Асад рече и дека турските војници треба да се повлечат од Сирија.

Осврнувајќи се на обидите на Русија, Иран и Ирак да обезбедат помирување меѓу двата соседа, сирискиот претседател рече дека „и покрај сериозноста и искрената желба на посредниците, иницијативите не постигнаа никакви значајни резултати“.

- Суверенитетот и меѓународното право одговараат на принципите на сите земји кои се сериозни во врска со обновувањето на нивните односи, а борбата против тероризмот е заеднички интерес на двете страни, рече Асад, додавајќи дека Сирија сака турските трупи да се повлечат од нејзината територија.

- За да ги обновиме нашите односи, мора прво да се отстранат причините што доведоа до нивно влошување и нема да се откажеме од ниту едно од нашите права, изјави Асад во парламентот.

Според сирискиот лидер, на секој преговарачки процес му треба цврста основа на која ќе се потпрат двете страни за да бидат успешни.

- Постојат различни причини за недостигот на резултати од претходните состаноци. Една од најважните причини, сепак, е немањето референтна база за овие состаноци, рече тој.

Според Асад, оваа база може да биде меѓународното право, Повелбата на ОН или некои теми кои ја засегаат секоја од земјите.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган минатиот месец рече дека ќе го покани сирискиот претседател Башар ал-Асад за да разговараат за нормализирање на билатералните односи, кои се влошија од почетокот на сириската војна во 2011 година. Сепак, Асад рече дека таквите разговори би можеле да се одржат само доколку соседите се фокусираат на суштинските прашања, вклучувајќи го и повлекувањето на турските сили од северна Сирија. јт/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан