• сабота, 31 август 2024

Андоновски: Градиме сеопфатна сајбер безбедносна инфраструктура и нова национална стратегија усогласена со ЕУ директивите

Андоновски: Градиме сеопфатна сајбер безбедносна инфраструктура и нова национална стратегија усогласена со ЕУ директивите

Скопје, 30 август 2024 (МИА) - Изминатиот период бевме сведоци на зачестени сајбер напади врз критичната инфраструктура, како во нашата земја, така и во регионот. Нашата критична инфраструктура - енергетските системи, водоснабдувањето, транспортот, здравството - се основа за функционирањето на нашата држава и нивната заштита е наш врвен приоритет.

Ова го истакна министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на дводневната работилница во рамките на проектот „Регионална сајбер безбедност во Западен Балкан - интервенции за Република Македонија", на која најави амбициозни планови за зајакнување на сајбер безбедноста во земјата.

Андоновски во своето обраќање потенцираше дека Министерството за дигитална трансформација неодамна започна со изработка на новата Национална стратегија за сајбер безбедност за периодот 2024-2028 година, како и дека е формирана работна група составена од експерти од различни области, која веќе почна интензивно да работи на оваа стратегија. Оваа стратегија, додаде тој, ќе биде усогласена со најновите директиви на Европската Унија, вклучувајќи ја и НИС 2 Директивата.

-Предизвиците пред нас се бројни. Има многу голема комплексност и меѓузависност на критичните инфраструктурни системи, постојат застарени технологии кои често се користат во критичната инфраструктура на кои им недостасуваат соодветни безбедносни карактеристики и ажурирање,  имаме недостаток на квалификувани професионалци за сајбер безбедност, и недостатокот на свест и обука кај останатите вработени и корисници на оваа инфраструктура, но и врз целата јавна администрација. Правните и регулаторните празнини и недоследности ја попречуваат координацијата и споделувањето информации меѓу различните засегнати страни. Двете стратегии кои ја таргетираат оваа област се застарени и неважечки, рече министерот Андоновски.

Тој укажа на Извештајот на ДЗР во кој се нотира дека институциите и органите не обезбедуваат ефикасна и целосна заштита на критичните информациони системи ниту е донесена регулатива од областа на безбедноста на информациските системи, не е извршено усогласување на законодавството со европските директиви и забележано е нефункционирање на Национален совет за сајбер безбедност.

-Затоа новата национална стратегија за сајбер безбедност ќе биде клучен документ кој ќе ја трасира патеката за зајакнување на нашите капацитети во оваа област. Стандардите кои вие ги развивате, кои заедно ги развиваме ќе бидат интегрален дел од таа стратегија. Целта е да создадеме безбедно сигурно и отпорно дигитално опкружување кое ќе овозможи непречен развој на дигиталната економија и општество...Владата и Министерството се длабоко посветени на создавање сеопофатна сајбер безбедносна инфраструктура затоа што целта не ни e само да реагираме на постоечките закани, туку да се обидеме да ги антиципираме и спречуваме потенцијалните ризици, порача Андоновски.

На официјалниот дел од работилницата се обрати и заменик амбасадорот на Обединетото Кралство во земјава Даниел Филер, кој говореше за важноста за сајбер безбедноста и за британското искуство во оваа сфера. 

На работилницата ќе биде презентирана Предлог-верзијата на минимум сајбер безбедносните стандарди кои треба да бидат задолжителни за владините институции, со цел отпочнување на нивно тестирање во период септември - декември годинава и препораки за креирање на политики во областа на сајбер безбедност.

Работилницата е дел од проектот "Регионална сајбер безбедност во Западен Балкан - интервенции за Република Македонија", финансиран од страна на Обединетото Кралство,кој има за цел подигање на свеста, изградба на капацитети и предизвикување позитивни промени во примената на сајбер безбедноста низ земјата. Спроведувањето на проектот е започнато во август 2023, а треба да заврши во март 2025 година. вг/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан