• Tuesday, 14 April 2026

Фил Колинс, Лутер Вандрос, „Оејзис“, Шаде и „Ву-Танг клан“ влегоа во „Рокенрол-Куќата на славните“

Фил Колинс, Лутер Вандрос, „Оејзис“, Шаде и „Ву-Танг клан“ влегоа во „Рокенрол-Куќата на славните“

Лос Анџелес, 14 април 2026 (МИА) - Фил Колинс, „Ајрон Мејден“, Били Ајдол, Квин Латифа, „Оејзис“, Шаде и „Џој дивижн/Њу ордер“ ќе бидат примени во „Рокенрол-Куќата на славните“ за оваа, 2026 година, заедно со првпат номинираните „Ву-Танг клан“ и покојниот Лутер Вандрос.

Листата беше објавена вчеравечер во САД, за време на епизодата на „Американски идол“. За да бидат подобни, уметниците мора да го имаат издадено својот прв комерцијален запис најмалку 25 години претходно. Номинираните беа изгласани од повеќе од 1.200 уметници, професионалци од музичката индустрија и музички историчари.

Вандрос, кој има продадено повеќе од 25 милиони албуми, со хитовите „Here and Now“ и „Any Love“, почина во 2005 година. Тој е инспиритор на песната „Luther“ на Кендрик Ламар и СЗА.

Фил Колинс, кој веќе е во „Куќата“ како член на „Џенезис“, објави хитови, меѓу коишто и „In the Air Tonight“ и „One More Night“, и освои осум „Греми“-награди, вклучувајќи го и признанието за албум на годината во 1985 година за „No Jacket Required“. „Ајрон мејден“, номинирани двапати претходно, помогнаа во развојот на новиот бран на британскиот хеви-метал со албуми како „The Number of the Beast“.

Соул-џез-вокалистката Шаде, исто така, номинирана и во 2024 година, е позната по песните „Smooth Operator“, „The Sweetest Taboo“ и др. „Ву-Танг кланот“ ја добија титулата „рап-иноватори“ уште о нивниот револуционерен деби-албум од 1993 година, „Enter the Wu-Tang (36 Chambers)“.

Оваа година, „Куќата“ го прифати и звукот на Манчестер, воведувајќи ги пост-панк пионерите од составите „Џој Дивижн“ и „Њу Ордер“ - коишто главно ги имаат истите членови, како и неодамна повторно обединетите „Оејзис“ од полето на бритпоп-музиката...

Номинираните кои нема да бидат дел од „Куќата“ засега, се Мараја Кери, Лорин Хил, „Ин-екс-ес“, Мелиса Етериџ, Џеф Бакли, Пинк, „Њу Едишн“ и Шакира.

Свеченоста на воведувањето во „Рокенрол-Куќата на славните“ ќе се одржи на 14 ноември во театарот „Пикок“ во Лос Анџелес.  си/јт/

Фото: ЕПА