• Thursday, 22 January 2026

Тејлор Свифт втора најмлада личност во Куќата на славните текстописци

Тејлор Свифт втора најмлада личност во Куќата на славните текстописци

Њујорк, 22 јануари 2026 (МИА) - Поп-пејачката Тејлор Свифт, на 36-годишна возраст ќе стане втората најмлада кантавторка некогаш примена во американската Куќа на славните текстописци, придружувајќи му се на Стиви Вондер, кој имал 33 години кога беше примен во 1983 година, објави организацијата денеска.

Свифт ќе биде примена заедно со пејачите Аланис Морисет, Кени Логинс и членовите на рок-бендот „Кис“ - Пол Стенли и Џин Симонс. Свеченоста е закажана за 11 јуни во хотелот „Мериот маркиз“ (Marriott Marquis) во Њујорк.

Куќата на славните текстописци, основана во 1969 година, бара значаен каталог на песни за да се квалификува за прием - најмалку 20 години по нивното прво комерцијално издание. Свифт, 14-кратна добитничка на Греми, исто така, ја врати сопственоста и правата на сите нејзини мастер-снимки, ја заврши својата рекордна турнеја „Eras“ ('Ери'), и за тоа издаде концертен филм и документарна серија на „Дизни плус“ (Disney Plus).

Нејзиниот албум од 2024 година „The Tortured Poets Department“ дебитираше на првото место на „Билборд 200“ листата, со продадени осум милиони албуми во САД.  си/јт/

Фото: МИА архива