Со историски час во Делчево започна Меѓународна манифестација посветена на Гоце Делчев
- Во рамки на манифестацијата планирани се низа локални и меѓународни настани
Делчево, 4 февруари 2026 (МИА) - Со свечен историски час и низа пригодни обраќања, денеска во Средното општинско училиште „Методи Митевски Брицо“ во Делчево беа одбележани 154 години од раѓањето на Гоце Делчев, со што официјално започна и манифестацијата „Гоцеви денови“, обновена по иницијатива на градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски.
Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, во своето обраќање истакна дека по тој повод планирани се низа настани.
-Од денес почнуваме со реализација на Меѓународната манифестација посветена на Гоце Делчев која ќе обедини голем број на активности и настани преку кои ќе го афирмираме делото на нашиот Гоце Делчев, како на домашната сцена така и во Меќународни рамки, истакна Гоцевски.
Во својот говор тој се осврна на една од најпознатите и највредни мисли на Гоце Делчев, нагласувајќи ја нејзината актуелност и денес.
-Јас не сакам востание со луѓе што ќе ме напуштат при првиот неуспех; јас сакам револуција со граѓани кадарни да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба, каква, поради жестоките политички услови, ќе биде и нашата. Оваа мисла во континуитет ја отсликува борбата на македонскиот народ за една самостојна и светски призната држава, потенцирајќи дека наследството на Делчев е аманет и обврска и за локалната власт и за граѓаните во современата македонска држава, подвлече Гоцевски.
Целта на денешното одбележување на 154 години од раѓањето на великанот како што рече не е само да се потсетиме на неговиот лик и дело, туку и да ја промовираме неговата мисла кај младите генерации – идни градители на градот кој со гордост го носи неговото име.
Тој изрази посебна чест што присуствувал на историскиот час посветен на ликот и делото на Гоце Делчев, организиран од СОУ „Методи Митевски Брицо“, упатувајќи благодарност до професорите по историја проф. Митко Антовски, проф. Спиридон Митевски и проф. Билјана Петровска за нивниот придонес во научното и достоинствено портретирање на Делчев и неговата улога во македонската национална историја.
Свое обраќање на настанот имаше и директорката на СОУ „Методи Митевски Брицо“, Марина Синадиновски, која истакна дека улогата на училиштето е да пренесува знаење, но и да гради вредности, историска свест и љубов кон татковината.
-Одредени историски датуми се толку длабоко врежани во македонската историја што стануваат дел од генетскиот код на секој Македонец. Таков е и 4 февруари, датумот кога во 1872 година се роди стратегот на македонската револуционерна борба и великан на современата македонска историја – Гоце Делчев“, истакна Синадиновски, потенцирајќи дека делото на Делчев треба да се изучува како пример за храброст, пожртвуваност и борба за правда и слобода.
Историскиот час продолжи со излагања на професорите по историја, а настанот заврши со порака дека ликот и делото на Гоце Делчев остануваат трајна инспирација и обврска за сегашните и идните генерации. вс/нд/
Фото: МИА