Локалниот совет за превенција на општина Дебар донесе заклучоци со цел спречување пожари на отворено
- Локалниот совет за превенција ја нагласи важноста од соработката меѓу сите институции и граѓаните со цел спречување на појавата на пожари и обезбедување безбедна сезона за сите.
Дебар, 17 март 2026 (МИА) - Локалниот совет за превенција на Општина Дебар, ја одржа својата редовна седница, на која се дискутираше за превентивните мерки за спречување на пожари во текот на пролетната сезона на територијата на Општина Дебар.
На средбата беше направена проценка на подрачјата со висок ризик од појава на пожари, а договорено беше организирање превентивни патролирања и инспекции во ризичните подрачја, како и координација со локалните служби за итни случаи и со граѓаните за подигнување на јавната свест и брза реакција во случај на појава на пожари.
На средбата со која раководеше градоначалникот Фисник Меља, а учествуваа претставници на сите надлежни структури, меѓу кои полицијата, ДЗС, ЦУК, ТППЕ, беа донесени и заклучоци.
-Да се организираат редовни патролирања, најмалку еднаш неделно, од страна на претставници на сите институции, со цел проверка на теренот и едукација на населението за внимателно постапување со оган. Секој случај на пожар на терен веднаш да се пријави во подружницата "Стогово" на ЈП „Македонски шуми“, кое ќе соработува со Противпожарната единица за негово гаснење. Да се подготви план за ангажирање и обука на волонтери од различни здруженија, кои по потреба ќе ѝ помагаат на Противпожарната единица, се дел од заклучоците.
Посебно беше нагласено да се разгледа можноста за набавка на дрон, кој ќе биде во служба на ТППЕ за побрзо откривање и евидентирање на пожари на територијата на општината.
Локалниот совет за превенција ја нагласи важноста од соработката меѓу сите институции и граѓаните со цел спречување на појавата на пожари и обезбедување безбедна сезона за сите.

Следниот состанок е планиран да се одржи по еден месец, со цел да се оцени спроведувањето на донесените одлуки од оваа седница, од која беше упатен апел до граѓаните.
-Општина Дебар апелира до сите граѓани да бидат внимателни и одговорни и да избегнуваат палење на огнови на отворен простор, на ниви или во шумски подрачја. Ваквите постапки претставуваат сериозен ризик за животната средина и јавната безбедност. За прекршителите ќе следуваат санкции и казни согласно важечките законски прописи, стои во апелот.
Како што информираше Џетан Мифтароски, командир на ТППЕ, која освен во оваа интервенира и во Општина Центар Жупа и подрачјето на Река, Општина Маврово и Ростуше, во изминатиот период од годинава регистрирани се над 30 пожари на отворен простор. вт/нд/
Фото: МИА