• Tuesday, 24 March 2026

Кумановската подружница на „Македонски шуми“ ќе ги мапира површините во кумановско

Кумановската подружница на „Македонски шуми“ ќе ги мапира површините во кумановско

Куманово, 23 март 2026 (МИА) - Кумановската подружница на „Македонски шуми“ ќе почне со опсервација на површните во поширокиот Кумановски Регион и ќе ја утврди сопственоста на површините, информираа денеска надлежните. Онаму каде што дел од површините се во сопственост на друго претпријатие ќе се разговара за надминување на административните бариери и дозволи за да може да се изврши пошумување.

-Проблемот со „непошумените“ и „оголените“ површини во Кумановскиот Регион, на кои реагираат граѓаните, не е едноставно прашање на неактивност или негрижа од страна на институциите, туку сложен системски предизвик поврзан со сопственоста на земјиштето и законските ингеренции. Ова укажува дека значителен дел од површините што јавноста ги перципира како погодни за пошумување, всушност не се под надлежност на институциите задолжени за шуми-изјави раководителката на подружницата, Катица Станковска Ристовска.

Клучниот проблем е што дел од тие површини се приватни парцели, додека други се класифицирани како пасишта. Ова создава правна бариера институциите задолжени за шуми не можат да интервенираат на такви терени без соодветна промена на нивниот статус или координација со други субјекти. Пасиштата се под управување на друго јавно претпријатие, што значи дека секоја иницијатива за пошумување мора да биде резултат на меѓуинституционална соработка.

- Во Кумановскиот Регион имаме сериозен проблем со т.н „оголени површини“. Граѓаните реагираат и бараат пошумување на некои ридишта, површини, но мора да потенцираме дека дел од тие површини се во приватна сопственост, дел се пасишта. Ние како претпријатие не можеме да пошумуваме на пасиштата. Се надевам дека во догледно време ќе биде решен овој проблем на кој реагираат граѓаните во координација со јавното претпријатие „Национални шуми“ и јавното претпријатие „Пасишта“ – изјави Станковска Ристовска.

Со пошумувањето, како што објасни, се намалува ризикот од пожари, бидејќи токму на таквите површини има висока трева која често е зафатена од пожари. За тековната година се предвидени подготовки за есенско пошумување на опожарени површини во реонот на селото Стрезовце. Паралелно, ќе се спроведуваат и контроли на претходно засадените садници за да се утврди нивната долгорочна успешност. Најдобар начин за да се обноват шумите е активното пошумување. ам/вј/

Фото: МИА