Апел за одговорно однесување со палењето смреков оган за Прочка во Делчевско
- Смреков оган дозволен, строго забрането палење гуми и друг отпад за што се најавени контроли и санкции
Делчево, 20 февруари 2026 (МИА) - По повод претстојниот верски празник Прочка – Поклади, надлежните институции од Делчево упатија апел до граѓаните за одговорно и законско одбележување на празникот, со посебен акцент на заштитата на животната средина и јавното здравје.
Од институциите потсетуваат дека дозволено е исклучиво палење смреков оган, во согласност со традицијата, додека строго е забрането палење гуми, пластика и друг вид отпад.
-Палењето гуми и отпад сериозно ја загадува животната средина, директно го загрозува здравјето на граѓаните и претставува дејствие спротивно на законските прописи, се наведува во апелот.
Дејан Димитровски, претседател на месната заедница Милково Брдо, каде се практикува палењето смреков оган за Поклади предупреди дека ваквите постапки можат да предизвикаат сериозни последици, како загадување на воздухот, опасност од пожари и прекршочна или кривична одговорност за сторителите.
-Апелираме до сите граѓани празникот да го одбележат одговорно, со почитување на законите, традицијата и заедничката грижа за здравата и чиста животна средина, истакна Димитровски.
Институциите најавуваат дека ќе се вршат засилени контроли на терен за време на празникот. вс/ац/
Фото: МИА