Дописници СветЕвропаЕвропа.ПорталСвет.Слајдер

Инциденти и пожар на концерт на конгоански уметник во Париз

Опозицијата на Конго повика на собир во секторот на Берси во Париз за да демонстрира против доаѓањето на ѕвездата Фали Ипупа, кој му дава поддршка на властите на оваа африканска земја, јавува дописникот на МИА од Париз.

Париз, 28 февруари 2020 (МИА) – Опозицијата на Конго повика на собир во секторот на Берси во Париз за да демонстрира против доаѓањето на ѕвездата Фали Ипупа, кој му дава поддршка на властите на оваа африканска земја, јавува дописникот на МИА од Париз.

Во околината на „Aкор Хотел Арена“, салата за спектакли во 12-от арондисман на Париз, избија пожари и судири со полицијата, како дел од пристигнувањето на пејачот Фали Ипупа од Конго.

Околу 18 часот во источниот дел на Париз, особено над Гар де Лион (железничката станица за Лион) се појавија густи облаци на чад, каде беа сконцентрирани стотина политички противници на властите од Конго, непочитувајќи ја забраната за демонстрации.

Притоа беа опожарени контејнери за ѓубре. Подземниот дел од станицата, каде минува метрото, беше евакуиран поради претпазливост. Пожарот почна околу 18:30 часот, според префектурата на Париз.

Судирите се должат на политичките тензии кои ја погодуваат Демократска Република Конго. Уметникот Фали Ипупа (42), кој вечерва треба да одржи концерт во старата мулти-спортска палата во Берси, е поддржувач на актуелната власт.

Активистите од дијаспората на Конго редовно демонстрираат против уметници кои настапуваат во Франција или во Белгија и кои ги обвинуваат дека се блиски со претседателот Кабила и неговиот наследник Феликс Цисекеди.

Безбедносните сили вечерва соопштија дека извршиле 23 апсења и имале 54 вербални инциденти.

Во 2017 година, концертот на Фали Ипупа во една друга сала во Париз беше откажан со одлука на префектурата поради  ризици од „сериозни нарушувања на јавниот ред“.тг/сд/

Back to top button
Close
Close