Некатегоризирано

Името на кандидатот за нов премиер на Русија ќе се знае најдоцна за две недели

Претседателот на Русија, Владимир Путин и наложи на владата на Дмитриј Медведев во заминување да ги извршува своите должности до формирање на нов кабинет

Москва, 15 јануари 2020 (МИА) – Претседателот на Русија, Владимир Путин и наложи на владата на Дмитриј Медведев во заминување да ги извршува своите должности до формирање на нов кабинет.

Претходно, Медведев објави дека неговата влада е распуштена и оцени оти тоа е исправно во согласност со предлогот на Путин за уставните измени.

Медведев денеска поднесе оставка од функцијата премиер на Русија. Тој одлуката ја донесе по разговорот со Путин, кој предложи нова функција во Советот за безбедност на Русија. Медведев ќе биде именуван на должноста заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност.

Оставката на Медведев и новата функција во рускиот Совет за безбедност се во исто време кога Путин најави уставни измени.

Во денешното годишно обраќање до нацијата пред пратениците во федералниот Парламент, Путин предложи измена на Уставот за да им се овозможи на пратениците да именуваат премиер и членови на Владата. Тоа право моментно го има претседателот на државата.

– Тоа ќе ја зголеми улогата на Парламентот и парламентарните партии, власта и независноста на премиерот и сите членови на владата, истакна Путин.

Тој нагласи и дека претседателот треба да има овластување да именува високи одбранбени и безбедносни претставници.

Путин додаде дека уставните измени мора да бидат усвоени на референдум.
Согласно членот 111 од Уставот на Русија, номинацијата на нов премиер треба да биде поднесена најдоцна две недели по распуштање на кабинетот. ми/

Таг
Back to top button
Close
Close