0_Web_Актуелно0_Web_Избор на уредникотMakedonija.SlajderАнализаОпштество

Игрите на среќа меѓу бизинисот и зависноста

Коцкањето претставува феномен што се сретнува во повеќе форми и различни култури. Постојат социјално, професионално и патолошко коцкање. Социјалното коцкање е речиси културно прифатена забава и рекреација, додека професионалното коцкање е работа со која се занимаваат обучени, вешти и дисциплинирани лица. Зависноста од коцка е нарушување што е карактеристично по честите, повторувачки епизоди на коцкање кои доминираат во животот на личноста, се до степен на оштетување на социјалниот, професионален и семеен живот.

Скопје, 9 февруари 2020 (МИА) – Коцкањето претставува феномен што се сретнува во повеќе форми и различни култури. Постојат социјално, професионално и патолошко коцкање. Социјалното коцкање е речиси културно прифатена забава и рекреација, додека професионалното коцкање е работа со која се занимаваат обучени, вешти и дисциплинирани лица. Зависноста од коцка е нарушување што е карактеристично по честите, повторувачки епизоди на коцкање кои доминираат во животот на личноста, се до степен на оштетување на социјалниот, професионален и семеен живот.

Кај патолошкото коцкање лицето има силен порив за коцкање што постепено надвладува со сите негови аспекти на живеење. Зависниците од коцка трошат се повеќе и повеќе пари со цел да го доживеат посакуваниот интензитет на возбудување. Со ваквото однесување продолжуваат без оглед на можните последици на нивниот општествен и семеен живот, работа и односи со блиските.

Тоа што често започнува со епизодно коцкање, многу брзо прогресира во редовна потреба

Психологот и психотерапевт Марија Стефанова, вели дека коцкањето е пореметување на контролата на нагоните, кое може да биде комбинација од генетски фактори, социјални и психолошки. Тоа што често започнува со епизодно коцкање, многу брзо прогресира во редовна потреба која мора да се задоволи, а кога личноста долго време го има ваквото однесување, доаѓа до комплетен распад на физичкото и ментално здравје.

Кога зборуваме за коцкање, според Стефанова всушност зборуваме за пореметување на контролата на нагоните и според меѓународната класификација на болести е регистрирана како болест, т.е. пореметување во сферата на нагоните.

– Личноста чувствува неодложна потреба од коцкање и колку повеќе се продолжува времето на незадоволување на истата, тензијата и напнатоста растат, а во моментите на коцкање доаѓа до реакција на задоволство или олеснување, на ниво на празнење. Подоцна, она што следува често е чувство на вина, вели Стефанова.

Причините се најчесто комбинација од генетски фактори, социјални и психолошки.

– Во некои семејства, коцкањето е наследно или пренесено, т.е. научено однесување. Исто така, постојат фактори како анксиозност, осаменост, депресивност и други кои придонесуваат за зголемена напнатост и во тој случај коцкањето е начин да се испразни, т.е. редуцира тензијата. Исто така, многу често друг тип на зависност се заменува со зависност од коцкање. Па така, некој кој бил зависен од алкохол и ја надминал таа зависност, влегува во нова зависност, на пример од коцкање. Сето ова зборува дека психолошкиот фактор е многу значаен, посочува Стефанова.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Многу често, оваа зависност започнува со епизодно коцкање, но многу брзо прогресира во редовна потреба која мора да се задоволи.

– Често потребата од возбуда и акција е поважна одколку паричната добивка, па поради тоа последиците можат да бидат огромни материјални загуби. Често овие луѓе, покрај материјалните, претрпуваат и друг вид на загуби, како загуба или распад на семејството, прекинување на бракот, загуба на пријатели и блиски луѓе, загуба на работно место итн. Кога личноста долго време го има ваквото однесување, доаѓа до комплетен распад на физичкото и ментално здравје, нагласува Стефанова.

Како проблем во третманот на ваков тип зависници, Стефанова го посочува тоа што луѓето најчесто не се свесни дека имаат проблем и помошта ја бараат само поради ветување на семејството дека ќе се променат.

– Во мојата психолошка пракса имам скромно искуство во третман на ваков тип зависници и можам да кажам дека не било успешно. Причината за тоа ја гледам во фактот дека овие луѓе не гледаат проблем во нивното однесување, постои не прифаќање на реалноста, а се јавуваат на психолог најчесто кога направиле големи материјални загуби и долгови, даваат ветување на семејството дека ќе се променат и најчесто причината за нивното доаѓање е да ги задоволат другите, а не дека навистина гледаат потреба од промена, вели Стефанова.

Зголемувањето на бројот на места за игри на среќа, за жал според Стефанова, може да значи и зголемен број на зависници од коцка.

– Со отворањето на многубројните обложувалници и вложувањето на многу пари од страна на државата, имам впечаток дека ваквото однесување не само што не се превенира, туку напротив, се поттикнува и одобрува на општествено ниво, вели Стефанова.

Индустријата на игри на среќа придонесува со 253 милиони евра во буџетот

Индустријата на игри на среќа учествува со четири проценти во БДП, придонесува со 253 милиони евра во државниот буџет, директно вработува 7.700, а индиректно 54.000 луѓе. Според Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ)  индустријата на игри на среќа е силен импулс за државната и локалната економија и стимул за други стопански гранки.

Поттикнати од предлог измените на Законот за дислокација на обложувалниците, во март годинава, АСОМ спроведе и истражување на јавното мислење со цел реално да ги согледа состојбите на терен и перцепцијата на јавноста.

Истражувањето покажало дека 79 проценти од спортските обложувачи, играат за забава и дружење, а 75 проценти вложуваат максимум до 200 денари.

– Со вакви статистики, сметам дека не може да стане збор за зависности. Но, секако, не ја исклучувам можноста од истото. Ние како Асоцијација сметаме дека треба да бидеме општествено одговорни и токму затоа работиме на кампањи и програми за едукација на вработените и на играчите за подигнување на свеста од евентуалните ризици од обложувањето. Во државата постојат  институции кои работат на полето на зависностите, но доколку државата смета дека е потребен поконкретен и поспецијализиран пристап во третирање на зависности од игри на среќа, ние како Асоцијација сме подготвени да дадеме целосна поддршка, бидејќи и ние се залагаме за сигурно, безбедно и одржливо опкружување за нашите играчи, вели Васко Илијески претседател на АСОМ.

Доколку се усвојат предлог измените на законот според АСОМ тоа ќе тоа ќе значи создавање услови за „црн пазар“ на игри на среќа.

– Оваа индустрија е силен импулс за државната економија, која придонесува со повеќе од 253 милиони евра и вработува 7.700 луѓе, кои со овие законски измени, преку ноќ би останале без работа. Она што треба сите да не загрижи е фактот дека ова ќе создаде услови за „црн пазар“ и ќе ја поттикне сивата економија, а државата и организациите како Агенцијата за спорт и млади и други социјални организации кои се финансираат од државниот буџет ќе ги загубат средствата кои ги добиваат по основ на сите давачки од индустријата на игрите на среќа, посочува Илијески.

За Агенцијата за спорт и млади само во 2018 година благодарение на индустријата на игрите на среќа, обезбедени се еден милион евра, директни инвестиции за развој на спортот и младите.

– Согласно постоечката легислатива, сите игри на среќа, вклучително и спортските обложувалници се регулирани со Законот на игрите на среќа и забавните игри. Она што сакам да го истакнам е дека ние, спортските обложувалници,  во целост го почитуваме Законот, но и сме подготвени да соработуваме со институциите на системот, да дадеме свои предлози во насока на подобрување на законските решенија, па дури и построга регулатива и повисоки казни за непочитување на пропишаното. Целта ни е имплементација на највисоки стандарди во игрите на среќа кои ќе овозможат унапредување на индустријата, но и поголема контрола и отстранување на сите можни нерегуларности во работењето, вели Илијески.

АСОМ е невладина, непрофитна и самостојна асоцијација на физички и правни лица формирана во 2013 година и во неа членуваат обложувалниците:  Спорт Лаиф, Моцарт, Евро Тип, Златна Копачка и Марбет.

Само од една лиценца за казино државата добива 600 илјади евра

Државата само од една лиценца за приредување на игри на среќа во казино добива 600 илјади евра, додека од лиценца за автомат клубови буџетот се полни од 80 до 100 илјади евра. Дополнително во државната каса се слеваат средства и од данокот на добивка кој изнесува 20 проценти на разликата меѓу уплатениот и исплатениот износ.

Според податоците достапни на веб страницата на Министерството за финансии, во нашата држава се издадени вкупно 25 лиценци за приредување на игри на среќа во автомат клубови, и тоа десет на територија на Скопје, по три во Кочани, Охрид и Гевгелија, две во Тетово и по еден во Богданци, Прилеп, Битола и Гостивар.

За една шестгодишна лиценца, друштвата треба да платат еднократен надоместок од 78.750 евра, како и посебна давачка во висина од 20 проценти на разликата меѓу уплатениот и исплатениот износ од сите автомати во клубот на месечно ниво.

Лиценци за приредување на игри на среќа во казино имаат вкупно шест друштва, и тоа три во Гевгелија, две во Скопје и едно во Битола.

За една шестгодишна лиценцата, друштвата треба да пратат еднократен надоместок од 600 илјади евра, како и посебна давачка во висина од 20 проценти на разликата меѓу уплатениот и исплатениот износ од сите автомати во клубот на месечно ниво. Дополнително на месечно ниво се наплатува и по 3 илјади евра за една рулет маса и 1,750 евра за секоја друга маса.

Лиценци за приредување на игри на среќа во обложувалници имаат вкупно десет обложувалници. Најмногу, вкупно седум во Скопје, две во Тетово, и една во Битола.

За една тригодишна лиценцата, друштвата треба да пратат еднократен надоместок од 105 илјади евра, како и посебна давачка во висина од 20 проценти на разликата меѓу уплатениот и исплатениот износ од сите автомати во клубот на месечно ниво.

„Не се клади со животот“ – проект за подигање на јавната свест за сериозноста на проблемот

Здружението на социјални работници на Град Скопје од јули 2019 година активно работи на подигање на јавната свест кај граѓаните за сериозноста на проблемот од спортско обложување и останатите игри на среќа. Во рамки на кампањата „Не се клади со животот“ отворена е СОС телефонска линија за помош и поддршка на лицата кои имаат проблем со зависност од обложување и игри на среќа.

Од Здружението, за МИА, велат дека досега кај нив се обратиле повеќе лица кои препознале проблем со играњето на игри на среќа независно дали кај себе или кај член од своето семејство.

– Една од целите на кампањата во делот за промоција на телефонската линија е дека истата е отворена и достапна не само за зависниците туку и за семејството, блиските, пријателите, со цел да се помогне и да се спречат поголеми последици. Телефонската линија за помош е 072 809 809, информираат од Здружението на социјални работници.

Идејата на проектот, посочуваат од Здружението е подигнување на свесноста за постапките кои луѓето не секогаш можат да ги препознаваат како импулсивни или ризични, како што се компулсивно обложување на спортски натпревари и останати игри на среќа.

– Целта ни е луѓето да се идентификуваат со кампањата, да сфатат дека кога ќе препознаат момент на слабост и проблем кај себе или кај некој друг, постојат експерти и стручна помош кои се лесно достапни и кои може да им помогнат. Со подигнување на свесноста ќе се намалат идните облози од зависност што честопати се патот кон повредување на самитe себе и на најблиските, посочуваат од Здружението.

Проблемот на зависност од игри на среќа е значителен и истиот не само што го засега зависникот, туку ги засега и неговите најблиски и ја доведуваат во прашање егзистенцијата на целото семејство.

– Компулсивното играње на игри на среќа влијае на сите сегменти од животот на зависникот, вклучувајќи ја работата, кариерата, семејството и пријателите. Игрите на среќа се за забава, но многу лесно можат да станат и сериозен проблем, доколку се изгуби контролата над нив, наведуваат од Здружението.

Околу 4.000 обложувалници во БиХ, во Србија над 30 илјади регистрирани коцкари

Во Србија, во 2017 година имало 33 илјади регистрирани коцкари според истражувањето на Институтот за јавно здравје „Батут“. Меѓу младите на возраст од 18 до 26 години секој четврт има проблеми со коцкање, пишува Би-Би-Си на српски јазик.

Истражувањето на центарот „Животот не е игра“ покажало дека 26 проценти од 720 испитаници во три основни и три средни училишта во Нови Сад се коцкаат. Од кои шест проценти се во категорија на патолошки коцкари. Половина од тие што се коцкаат првиот контакт со овој порок го имале меѓу 10 и 14 години и тоа најчесто во обложувалница.

Според статистиката во Босна и Херцеговина има речиси 50 илјади патолошки коцкари, а во едно здружение за борба против зависност од коцка се лекуваат само 25. Од друга страна во БиХ постојат околу четири илјади обложувалници, што според бројот на жители ја става меѓу првите во светот по бројот на уплатни места по глава на жител, пишува Н1.

Жителите на БиХ минатата година во обложувалници потрошиле повеќе од 1,7 милијарди конвертибилни марки, според податоците на даночната управа на БиХ. Од друга страна, според обложувалниците граѓаните уплатиле вкупно 200 милиони конвертибилни марки и во текот на целата година преку уплата и добивка, па повторно уплата успеале да го генерираат тој износ од 1,7 милијарди конвертибилни марки.

Според Марко Ромиќ, од Клубот на лечени коцкари од Мостар, коцкарите прв пат влегуваат во обложувалница од љубопитност, по што на некои посетувањето на обложувалници им станува рутина, па почнуваат и да се коцкаат, кладат и по неколку пати на ден.

Посочува дека по првата добивка, добиените пари од игрите на среќа изгледаат како добар начин за остварување заработка, од каде почнува магичниот круг на проблеми кои настануваат откако забавата се претвора во зависност.

– Тоа е потреба за се почесто коцкање и обложување. Тоа е постојана опседнатост и постојано размислување на таа тема. Тоа е обид по загуба да се вратат изгубените пари. Тоа е залажување да се намалат големите проблеми. Тоа е барање пари на секој можен начин, позајмување од пријатели, подигнување кредити, запоставување на обврските, појаснува Ромиќ за Н1.

Според експертите не постои систем со кој би се регулирало коцкањето, бидејќи државите не губат ништо, туку напротив само добиваат од легалното обложување. Сите видови на лотарии се национални бидејќи се уплатуваат високи средства, а мали се трошоците, поради што и нема пример на лотарија во светот што пропаднала.

Александар Атанасов

Back to top button
Close
Close