Дописници МКДОпштински вести

Хуманитарна вечер за доизградба на црквата „Св. Димитрија“ во делчевското село Габрово

Во делчевското село Габрово со организирање хуманитарна вечер продолжува собирањето средства за доизградба на храмот „Св. Димитрија“.

Делчево, 27 јули 2021 (МИА) – Во делчевското село Габрово со организирање хуманитарна вечер продолжува собирањето средства за доизградба на храмот „Св. Димитрија“.
Претставникот на месната заедница од ова село, Стане Стојановски, информираше дека настанот ќе се одржи в сабота во дворното место на подрачното училиште во село Габрово.
-Настанот како и секоја година ќе биде на 31 јули, што годинава се паѓа во сабота вечер. Хуманитарната вечер ќе се одржи во дворот на подрачното училиште со забава за посетителите кои ги повикаме да дојдат и да ни помогнат во доизградбата на нашата црква, рече Стојановски.
Хуманитарната вечер е традиција која започна на иницијатива на иселеници по потекло од ова село кои се најзаслужни што црквата постепено се градеше со средствата собрани од хуманитарната вечер и донациите на хуманите граѓани ширум светот.
-Изградбата на црквата „Св.Димитриј“ започна уште во 2005 година со средства од луѓе од селото и најмногу благодарение на донаторите од Швајцарија, за што упатувам голема благодарност до нив.  Со изградба на црквата веќе сме во завршна фаза, црквата ни е исцртана, фреските се готови, дворот се уште не завршен, но веќе сме при крај, додаде Стојановски.
Поради пандемијата,  хуманитарната вечер  минатата година не се одржа, а од црковниот одбор очекуваат дека мештаните годинава  ќе присуствуваат со што ќе придонесат да се соберат потребните средства за доградба на селската црква. вс/хс/

Back to top button
Close
Close