0_Македонија.ПорталОпштество

Хируршката маска може да се замени со марама или шал, вели Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче денеска истакна дека не мора задолжително да се носи хируршка маска без разлика дали е дво или трослојна, туку таа може да се замени и со шал, марама или шамија.

Скопје, 28 април 2020 (МИА) –  Министерот за здравство Венко Филипче нема информација дека сега има дополнително зголемување на цените на маските, но ќе сигнализира до двата надлежни инспектората да направат увид.

Тој денеска на прес-конференција појасни дека  не мора задолжително да се носи хируршка маска без разлика дали е двослојна или трослојна, туку таа може да се замени и со шал, марама или шамија.

– Сите овие материјали апсолутно спречуваат капките да циркулираат меѓу луѓето посебно кога е дистанцата помала од два метра. Затоа, носењето на заштитната опрема како дополнителна мерка во однос на одржувањето на дистанцата тогаш кога не може да се одржи сметам дека ќе има сосем доволен ефект тоа што сакаме да го постигнеме, рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.

Прашан за начинот на кој функционира кумановската болница, Филипче одговори дека и покрај тоа што болницата во одреден период се соочила со недостаток на кадар, сепак, со дополнителна помош од Скопје и Штип, сите одделенија биле во функција, а болницата добро ја извршувала работата.

– Секојдневно се уште сме во комуникација и во однос на потребата за кадар, и за заштитни материјали така да сметам дека тој процес беше целосно под контрола и во ниеден момент, дури и со помал број на кадар во одредени одделенија успеавме и со тие процеси на едукација кој што тренирани медицински сестри го пренесуваат знаењето на вработените таму болницата сосем добро да функционира, додаде Филипче. мс/бт/

 

 

 

Back to top button
Close
Close