0_Web_Актуелно0_Македонија.Портал0_МИА Истражува.ПорталMakedonija.SlajderДописници МКДСторија

Хенрик Маркуш – амбасадорот кој поминал најмногу километри низ земјава со велосипед

Хенрик Маркуш е единствениот амбасадор на светот кој досега со својот велосипед во земјава успеал да извози доволен број километри, нешто што не му успеало на ниту еден негов колега кој амасадорувал во државата.

Делчево, 27 јули 2020 (МИА) – Хенрик Маркуш е единствениот амбасадор на светот кој досега со својот велосипед во земјава успеал да извози доволен број километри, нешто што не му успеало на ниту еден негов колега кој амасадорувал во државата.

При неговата последна велосипедска тура и посета на делчевскиот регион, словачкиот амбасадор во земјава, ни раскажа за неговата љубов кон велосипедот, која потоа прерасанала во пасија да се поминат што повеќе километри, а притоа и да се посетат што повеќе места во разни делови од државата.

Разговорот со Маркуш го започнавме со кратка биографија за неговите почетоци во амбасадорските води.

– На почетокот на август ќе наполнам две и пол години како сум овде. Дојдов во Македонија која во меѓувреме стана Северна Македонија и тоа би рекол не случајно, бидејки ја имав таа среќа да ја изберам својата служба. На Балканот не сум ново име во амбасадорските води. Почнав во 1994 година за време на војната во Босна, а ја избрав Македонија, кога македонската амбасада беше во Белград и служев таму 2000-2003 година. Практично почнав со работа во 1999 година и доаѓав повеќе или помалку во Скопје и Охрид, но не ја знаев целата земја. Сега полека успевам да ја запознаам, истакна Маркуш.

Амбасадорот на Словачка, како што самиот раскажа, велосипед започнал да вози од здравствени причини.

– Велосипед започнав да возам од здравствени причини влегов во еден круг кога не можев да вежбам заради болки во коленото и обратно ме болеше коленото заради што не можев да спортувам. Почетоците со возење велосипед ми беа некаде 2007 година кога служев во Швајцарија и Франција. Што е најчудно почнав со возење низ рид, возењето низ рид е еден вид порака за почетниците велосипедисти, тоа е психолошка работа. Многу мислат дека тоа е проблем, а всушност проблемот е во размилсувањето. Морате да почнете и да не се предавате. Јас најпрвин затоа што немав мускулна маса заради повредата, почнав да возам по 200 метри и да се искачувам повисоко, па стигнав до 300 метри, за да стигнам каде што сум сега. Не може одеднаш да се тргне до Султан Тепе и да се искачиш туку така, вели амбасадорот.

По доаѓањето во земјава, амбасадорот Маркуш секоја сабота прави велосипедска тура во место кое тој ќе го одбере. Досега, како што вели, многу малку луѓе во земјава имаат извозено километри со велосипед, колку што има извозено тој.

– Овде има многу интересни места кои до крајот на мандатот нема да успеам да ги извозам. Сум бил на Кајмакчалан, Пелистер, Царев Врв и Султан Тепе кое е доста добро место. Во Источна Македонија минатата година сум бил во Пехчево и оваа година во Берово. Имавме многу интересни тури близу бугарската граница. Во Делчево сум прв пат, имав слушнато дека имате доста добри велосипедисти и планинари и најдов вистински пријател кој нависитна е професионалец како Љупчо Чучуковски, кому му дадов еден вистински тест на подготвеност. Турата беше долга 52 километра, висината беше околу 1.350 метри. Возевме покрај селата Бигла и Трсино, се работеше за интересна патека, имавме и бура и добро се спасивме. Ова што тука го доживеав е типична македонска гостопримливост на највисоко ниво, учествуваше и вработен во општината, така што почувствував дека и општината добро работи и ги подржува овие активности, рече Маркуш.

За Источна Македонија словачкиот амбасадор размислува за обележување на неколку велосипедски патеки кои би биле маркирани и би служеле за полесна ориентација на велосипедистите почетници, а за Пијанечкиот регион истакна дека ги има сите услови за развој на велосипедски туризам.

– Со човек од Велес, кој е мој пријател и со кој ги работам сите тури, сакаме да обележиме некои патеки овде во овој регион за да помогнеме нешто. Го имавме тоа во план минатата недела, но имаше невреме и го одложивме за оваа недела, но оваа недела пријателот имаше тура на Солунска Глава, така што тоа ќе се обидеме тоа да го направиме во некоја следна прилика. Поради тоа што возењето до Солунска Глава е доста тешка тура, споредбено со Пелистер и Кајмакчалан, сакав викендов да го посетам Делчево каде ги поведов и ќерката и сопругата. Мислам дека за развој на планинарскиот велосипедизам имате тенденција да се развивате во тој правец, затоа што тоа е тој спорт кој најмногу напредна после оваа коронакриза. Се гледа како луѓето купуваат велосипеди, дека тоа е една активност за здравјето или што би се рекло, активност за да се дружиме да имаме добар спорт и здравје. Како регион имате добар потенцијал, имате патеки за почетници, една од перспективните патеки е и таа што вчера ја поминавме, таа е пејсажна патека која може да се обележи и да се направат одредени патокази за да не се изгуби човек или со други зборови патека која е идеална за оние кои не се физички спремни, но кои сакаат да видат нешто додека возат. Значи патека за добар почеток, а целта ни е исто така со планинарот Љупчо Чучуковски да ги откриееме и останатите планински патеки овде во вашиот регион, додава Маркуш.

По напорните велосипедските тури, во недела амбасадорот Маркуш одмора од велосипедот и се подготвува за обврските на работа. Со него поразговаравме и за политиката и македонската европерспектива, за која рече дека државата треба да не брза низ процесот на преговортие бидејки во периодот кога Словачка била во слична ситуација, државата тогаш ги живеела своите најдобри денови.

– Како држава сте на најдобар пат, не можам ништо друго да кажам, затоа што ние како мала земја, се потрудивме максимално да помогнеме да стигнете до тој пат. Среќни сме што имаме ваков партнер и уште повеќе сме среќни што ги отворивте преговорите. Во таа насока како наш најголем проект ќе ја споменам Националната економија во Европската заедница. Тука има серија на поглавја по однос на овие прашања, тоа се поглавјата 23 и 24 кои се како база, но има и други. Во процесот на преговори има и серии дискусии, а резултатите се препорака за легислативните активности, што е успешен проект во Србија и другите земји во Западен Балкан и тоа е како наш главен брод на поддршка на Северна Македонија како поддршка за ЕУ. Се надеваме дека тој процес за вашата земја ќе оди побрзо. Ние сме тука да ве поддржиме на тој пат. Но, од друга страна имам една моја препорака, да не брзате многу на тој пат, затоа што јас паметам кај нас во Словачка, имаше многу добра атмосфера за време додека траеја преговорите, додаде Маркуш.

Тој се осврна и на корона кризата за која даде свои препораки, како успешно да се надмине или да се ублажат последиците од страна на граѓаните.

– Имам сопствена теорија мислам дека успехот по однос на оваа тема е да не се прават големи гужви и активности, затоа што тоа е најголем предизвикувач на овој вирус. Сите други мерки секако да се почитуваат. Јас избегнувам активности со повеќе луѓе, вашиот крај знам го избегна вирусот и тоа е една од причините зошто сум овде. Со моите активности тука ја потврдувам оваа моја теза, значи овде возиме тројца четворица во мали групи, за разлика кога треба да одам на некои концерти на кои сум поканет и кои искрено ги избегнувам, додаде на крај од разговорт амбасадорот на Словачка во земјава, Хенрик Маркуш.

Тој заедно со неговиот пријател Љупчо Чучуковски најави повторно доаѓање во Делчево со кого договориле начелно нова велосипедска тура, која ќе биде своевидна промоција на регионот за која ја имаат целосната поддршка од делчевскиот градоначалник и општината Делчево.

Валери Спасевски

Back to top button
Close
Close