СветСвет.Портал

Гутереш: Независните медиуми се противотров во пандемијата дезинформации

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш повика на поголема заштита на новинарите, нагласувајќи дека тие нудат „противотров“ на пандемијата дезинформации што ја придружува кризата предизвикана од ширењето на коронавирусот.

Њујорк, 2 мај 2020 (МИА) – Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш повика на поголема заштита на новинарите, нагласувајќи дека тие нудат „противотров“ на пандемијата дезинформации што ја придружува кризата предизвикана од ширењето на коронавирусот.

Гутереш, во видео-порака по повод Светскиот ден на слободата – 3 мај, ја истакна клучната улога што ја имаат медиумите за да може луѓето да добијат информации што им се потребни за да донесат одлуки, бидејќи таквите одлуки, наведе тој, ја прават разликата помеѓу животот и смртта во сегашните околности.

„Како што се шири пандемијата, така се прави и пандемијата на дезинформации, штетни здравствени совети и диви теории на заговор“.

„Медиумите обезбедуваат противотров – проверени, научни, вести и анализи засновани врз факти“, рече Гутереш.

Тој ги повика владите ширум светот да ги заштитат новинарите и сите оние кои работат во медиумите и да ја заштитат слободата на медиумите.

Генералниот секретар на ОН истакна дека привремените ограничувања на движењето, кои се важни за сузбивање на Ковид-19, не треба да се злоупотребуваат како изговор за да се спречат новинарите да ја вршат својата работа.

Во својата порака, Гутереш им се заблагодари на медиумите „за обезбедување факти и анализи, повикувајќи ги лидерите во сите сфери да бидат одговорни и им ја кажале вистината на носителите на моќта“. Тој ја истакна улогата на новинарите кои спасуваат животи со известување за здравствени теми.

„Ги повикуваме сите влади да ги заштитат медиумските работници и да ја зајакнат и заштитат слободата на медиумите, што е неопходна за иднината на мирот, правдата и човековите права за сите“, рече Гутереш.

Специјалниот известувач на  ОН за промоција и заштита на слободата на мислата и изразувањето, Дејвид Кеј, рече дека добил алармантен број на извештаи за одмазда против новинарите уште од почетокот на пандемијата, под изговор на ширење дезинформации.

Независниот известувач Кеј ги документирал тие закани во најновиот извештај што го достави до Советот за човекови права на ОН (ХРЦ), орган што ја надгледува неговата работа. зш/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close