Svet.SlajderБалканБалкан.Портал

Гренел за Т7: Никогаш не сум разговарал со Тачи и Вучиќ за размена на територии помеѓу Косово и Србија

Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за дијалогот меѓу Косово и Србија, амбасадорот Ричард Гренел изјави дека со претседателите на Косово и на Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ, никогаш не разговарал за размена на територии, како опција за решавање на косовско-српкиот спор, јави дописникот на МИА од Приштина

Приштина, 28 март 2020 (МИА) – Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за дијалогот меѓу Косово и Србија, амбасадорот Ричард Гренел изјави дека со претседателите на Косово и на Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ, никогаш не разговарал за размена на територии, како опција за решавање на косовско-српкиот спор, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во синоќешното интервју за косовската телевизија Т7, Гренел изјави дека прашањето на размена на територии никогаш не било споменато во негово присуство и дека, за него лично, „тоа не е добра опција“ за решавање на проблемите меѓу Приштина и Белград.

– Никогаш не е покренато како прашање во мое присуство. Тоа не е нешто што сум го видел и за што е разговарано. И, кога сме кај тоа, дозволете ми да бидам јасен… Тоа се само гласини и едноставно толку. Само гласини, изјави Гренел.

Во врска со одбивањето од страна на премиерот Албин Курти на американското барање за итно и безусловно укинување на таксата од 100 отсто на увозот од Србија и од Босна и Херцеговина, Гренел порача дека „американскиот народ го сака косовскиот народ“ и Вашингтон е посветен на Косово, но оти „има правила“ кои една земја треба да ги почитува за да добие поддршка од САД.

– Ние не сакаме да бидеме во таква позиција нашата помош да биде гарантирана без оглед на тоа што се случува на другата страна. Ние длабоко веруваме дека таксата нанесуваше штети на косовскиот народ… Не помага на економскиот развој, што е наша цел, затоа се осигуравме дека сите владини агенции на САД ќе ја поддржат таа политика. Меѓутоа, вистината е дека ние го сакаме народот на Косово и сакаме да се отстрани таксата за да ја продолжиме нашата билатерална соработка, наведе Гренел.

Американскиот дипломат посочи дека Курти, кој по изгласувањето недоверба на неговиот кабинет во средата, на 25 март, сега е вршител на должноста претседател на Владата на Косово, непосредно по изборите на 6 октомври му ветил дека ќе ја укине таксата.

– Ме погледна право во очи и ми рече дека ќе ја укине таксата, изјави Гренел, изразувајќи уверување дека идната косовска влада тоа сигурно ќе го стори. иа/ми/

Таг
Back to top button
Close
Close