Дописници МКДОпштински вести

Градоначалниците Дука, Ибраим и Куртовски упатија честитки по повод месец Рамазан

По повод светиот месец Рамазан честитки со желби за лесен и благословен пост до верниците упатија градоначалниците на општините Дебар, на Центар Жупа и на Маврово и Ростуше.

Дебар, 13 април 2021 (МИА) – По повод светиот месец Рамазан честитки со желби за лесен и благословен пост до верниците упатија градоначалниците на општините Дебар, на Центар Жупа и на Маврово и Ростуше.

-На сите дебрани, каде и да се и на сите муслимани ширум светот од срце им посакувам лесен и прифатен пост. Благословениот месец Рамазан и годинава е во здравствено, економско и духовно обременето време, така што оваа лична жртва во име на Создателот, треба да ја зголеми нашата чувствителност кон сè околу нас, да простуваме повеќе, да почитуваме повеќе, да помагаме повеќе. Посакувам овој месец да донесе просперитет и хармонија на вашите семејства, напиша на Фејсбук градоначалникот Дука, кој првата ифтарска вечер ќе ја мине со дебрани во САД, каде е во повеќедневна посета.

Во свое и во име на Советот и администрацијата на општина Маврово и Ростуше, на граѓаните во општината и сите муслимани ширум светот Светиот месец Рамазан го честиташе градоначалникот Куртовски, посакувајќи добро здравје, мир и спокој во душата, среќа и благосостојба во нивните домови.

-Нека Аллах, во овие тешки моменти настанати од пандемијата во која се наоѓаме, ги исполни нашите домови со радост, нашите срца со добрина, нашиот живот со здравје и среќа, денес, утре и секој ден, додека заканата од корона вирусот стане минато, и што поскоро нашите џамии ги наполни со верници, посака градоначалник Куртовски.

И првиот човек на општина Центар Жупа, Аријан Ибраим честитајќи го почетокот на месецот Рамазан, посака тој да мине во слога, хармонија, разбирање заедништво и меѓусебна почит.

– Мирот и милоста Божја нека бидат над нас, во овој благословен месец Рамазан, во кој се практикува постот, молитвата, споделувањето на храната и убавиот збор. Посакувам овој месец да го поминете во добро здравје, среќа и духовна исполнетост, наведува во честитката Ибраим. вт/см/

Back to top button
Close
Close