Дописници МКДОпштински вести

Градинките во Кочани го зголемија бројот на деца во групите до двегодишна возраст

Во четири клона на градинката „Павлина Велјанова“ во Кочани од денеска е зголемен бројот на децата во групите до двегодишна возраст, согласно здравствениот протокол и препораките за заштита.

Кочани, 1 јуни 2021 (МИА) – Во четири клона на градинката „Павлина Велјанова“ во Кочани од денеска е зголемен бројот на децата во групите до двегодишна возраст, согласно здравствениот протокол и препораките за заштита.

Претходно, Советот на Општината даде согласност за искористување на максимално дозволениот број од по 15 деца во група, со што се овозможи да се намали листата на чекање за слободни места за прием во градинка.

– Нашата установа имаше потреба од зголемување на бројот на деца по групи, така што наместо по 12, сега ќе има уште по три дечињата повеќе во двегодишната возрасна група. Исто така, го зголемуваме и бројот на деца во групите до шестгодишна возраст, во кои ќе има по 20 дечиња, истакна Едита Миткова, директорка на градинката „Павлина Велјанова“.

Со проширувањето на шесте групи во четирите клона на градинката ќе се овозможи прием на уште дваесетина деца во најмалата возрасна група во која, според евиденцијата на детската установа, на листата на чекање има околу 90 деца.

Во петте објекти на градинката „Павлина Велјанова“ во Кочани и во населбата Оризари пред пандемијата беа запишани 720 деца на претшколска возраст, а според важечките услови во протоколот за здравствена заштита досега ја посетуваа 296 деца. та/мд/

Back to top button
Close
Close