0_Македонија.ПорталОпштество

Град Скопје, МТСП и „Комунална хигиена“ се приклучија на акцијата за чистење

Вработените од Град Скопје денеска чистеа на повеќе локации по должината на Кејот на реката Вардар, на потег од мостот „Обединети нации“ до мостот Тодор Александров (Поранешен Близнак), вториот дел од Градскиот парк и други јавни површини.

Скопје, 14 декември 2019 (МИА) – Вработените од Град Скопје денеска чистеа на повеќе локации по должината на Кејот на реката Вардар, на потег од мостот „Обединети нации“ до мостот Тодор Александров (Поранешен Близнак), вториот дел од Градскиот парк и други јавни површини.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов изрази надеж дека со оваа акција ќе се постигне основната цел на оваа акција а тоа е подигнување на свеста кај сите граѓани за одговорно однесување кон хигиената во градот.

– Скопје мора и може да биде почист град, а за тоа покрај реформите во начинот на функционирање на службите задолжени за тоа, неопходно е и секој од нас како граѓанин да обрнува внимание на одржувањето на хигиената во градот. Скопје е нашиот заеднички дом, затоа верувам дека можеме да успееме да го одржуваме чист, исто како дома. Само со заеднички сили можеме да го постигнеме тоа. На крајот на денот хигиената значи здравје, а нема ништо поважно од нашето здравје и здравјето на нашите сакани, рече Шилегов за време на денешната акција.

Како што соопшти Град Скопје, во текот на оваа акција, во соработка со Министерството за труд и социјална политика, се изврши чистење на импровизираните објекти на ролерско-велосипедската патека на Вардар, која е посочена како една од локациите на која често се врши нелегално палење на отпад и придонесуваат на загадувањето на амбиенталниот воздух.

– Ова е второ чистење на оваа локација во изминативе две години и иселување на лицата кои живеат на оваа дива населба. За таа цел решивме овојпат, покрај нивно дислоцирање, да извршиме и целосно чистење на просторот со цел да спречиме нивно повторно враќање. Градот работи да ја утврди и сопственоста на конкретната локација, бидејќи тука имаше спорни состојби, за доколку истото е приватно земјиште да го задолжиме сопственикот истото да го огради, додека доколку е државно истото да го облагородиме и да го урбанизираме и да спречиме повторно да се создаваат вакви појави додаде градоначалникот Шилегов.

Од Град Скопје информираат дека министерката за труд и социјална политика Мила Царовска ја оценила денешната акција како успешна, каде вработените од Министерството го чистеле реонот околу Скопското кале и Музејот на современа уметност.

– Од оваа локација преселивме и обезбедивме соодветно топло живеалиште во зимскиот период за 14 семејства или околу 80 лица. Ова го правиме вторпат, каде овие лица имаат живеалишта од привремен карактер во Визбегово зад домот за азиланти. Со ова не само што обезбедуваме топол дом за најмладите и можност истите да ги посетуваат дневни центри и училиште, туку имаме и можност да ги активираме работоспособните лица да бидат активни на пазарот на труд, се со цел обезбедување на социјална парична помош и детски додаток, да понатаму ги видиме како активни чинители во економијата во државата, рече министерката Царовска.

И вработените во администрацијата на јавното претпријатие „Комунална Хигиена“ денеска се приклучија кон големата акција за чистење „Администрацијата чисти“.

– Екипите од оперативата на претпријатието се задолжени за подигнување и транспорт на насобраниот отпад од дваесетте локации во градот Скопје, каде што се одвива акцијата. Од механизацијата на терен се употребуваат пет специјални комунални возила-патарки, три специјални комунални возила-кипери и еден втоварувач, информираат од претпријатието.

Во текот на денешната акција што се одржа како начин за одработување на неработниот ден од годинава, 2 јануари, повеќе од 40.000 вработени од јавниот сектор спроведоа голема акција за чистење, која се одвиваше на 20 локации во Скопје. мс/скс/

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close