Општински вестиСкопје

Град Скопје го објави јавниот повик за субвенции за купување инвертер клима уреди

Градот Скопје го објави јавниот повик за доделување субвенции за купување инвертер клима уреди во 2021 година, а граѓаните ќе може да аплицираат онлајн. Повикот ќе биде отворен до 1 ноември годинава или до исцрпувањето на средствата предвидени за оваа намена.

Скопје, 22 април 2021 (МИА) – Градот Скопје го објави јавниот повик за доделување субвенции за купување инвертер клима уреди во 2021 година, а граѓаните ќе може да аплицираат онлајн. Повикот ќе биде отворен до 1 ноември годинава или до исцрпувањето на средствата предвидени за оваа намена.

На повикот, како што информираат од Град Скопје, може да аплицираат лица кои ги исполнуваат предвидените услови, а ќе можат да аплицираат сите оние што набавиле инвертер клима уреди почнувајќи од 1 јануари годинава и се жители на Град Скопје – општините Гази Баба, Аеродром, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај).

– На граѓаните ќе им бидат надоместени трошоците за набавка на инвертер клима уред, но не повеќе од 62.000 денари во нето износ, а може да аплицираат на https://aplikacii.skopjelab.mk/inverteri доколку апликантот претходно не добил субвенции за затоплување со печки на пелети или инвертери, појаснуваат од Град Скопје.

За да може да аплицираат граѓаните треба да достават важечка лична карта, нотарски заверена изјава дека доброволно ја предава печката која ја користи, потврда за ефикасноста на инвертер клима уредот, трансакциска сметка, фискална сметка или потврда за купувањето. Сите документи треба да бидат скенирани.

– За одделни домаќинства на иста адреса потребни се сметки од различни броила за електрична енергија, а за домаќинства кои се во реони на централно градско греење потребна е потврда дека не се приклучени и немаат техничка можност за приклучок, се вели во соопштението од Град Скопје.

Средствата предвидени за овие субвенции се добиени од Владата на Република Северна Македонија, односно во 2020 година Град Скопје доби средства во висина од 322.400.000,00 денари. Во годинешниов јавен повик ќе бидат користени нереализираните средства од минатогодишниот јавен повик или сума во износ од 107.404.074,00 денари.

Овие субвенции се дел од мерките што Градот Скопје ги има предвидено во Планот за подобрување на квалитетот на воздухот и Акциониот план на Стратегијата за климатски промени на Градот.

– Согласно многубројните истражувања за квалитетот на воздухот во Скопје најголемо учество во емисијата на ПМ10 и ПМ2,5 честичките има затоплувањето на домовите кои немаат централно греење. Ова се јавува, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, лошиот квалитет на дрвото, начинот на неговото чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки. Инвертерите за затоплување се економични, еколошки, не користат фосилни горива, а истовремено го постигнуваат максималното задоволство при затоплувањето на домовите, се наведува во соопштението од Град Скопје. сст/сп/

Back to top button
Close
Close