Дописници МКДОпштество

Граѓански протест во Кочани против аерозагадувањето од фабриката „Пејпар мил“

Трет граѓански протест под мотото „За чисто Кочани од Македонија“ се одржа денеска пред влезот на фабриката за хартија „Пејпар мил“ во Кочани, со единствено барање таа да ги почитува еколошките стандарди.

Кочани, 22 август 2020 (МИА) – Трет граѓански протест под мотото „За чисто Кочани од Македонија“ се одржа денеска пред влезот на фабриката за хартија „Пејпар мил“ во Кочани, со единствено барање таа да ги почитува еколошките стандарди.

Почитувајќи ги протоколите за здравствена заштита присутните граѓани, кои се самоорганизирале преку социјалните мрежи, рекоа дека нивна цел не е фабриката да престане со работа, туку да се спречи испуштањето штетен чад и гасови во амбиенталниот воздух.

– Врз основа на резултатите од мерните станици утврдивме дека најголем загадувач е токму фабриката „Пејпар мил“. Нашето барање е фабриката да почне да користи поеколошки енергенс, односно да се врати на користење на метан. Таа е лоцирана во близина на централното градско подрачје каде има две училишта, има градинка, згради во кои живеат стотици семејства, но и целиот град е афектиран од загадувањето. Освен тоа се загадува и почвата, а и површинската вода. Очекуваме надлежните од локалната самоуправа да преговараат со одговорните во „Пејпар мил“ и да се најде поволно решение. Овде работат стотина наши сограѓани и не сакаме тие да останат без работа, туку само да се намали загадувањето и да се подобри квалитетот на воздухот, истакна Горан Соколов, член на организацискиот одбор на протестот.

Граѓаните рекоа дека очекуваат поддршка и од Министерството за животна средина, за што оставија период од десетина денови за да добијат соодветен одговор. Во меѓувреме го очекуваат и одговорот од Jавното обвинителство до кое имаат поднесено пријава против загадувањето од „Пејпар мил“.

Се заканија дека доколку на наидат на разбирање, протестите пред фабриката ќе се интензивираат и ќе продолжат секојдневно, а ќе се попречува нејзиното нормално функционирање. та/вј/

Back to top button
Close
Close