0_Македонија.ПорталBiznis.SlajderБизнисБизнис.ПорталЕкономија

Граѓаните кои се оштетени да ги преземат сите законски мерки за заштита на своето потрошувачко право, порачува Царовска

Вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска не знае прецизно колку граѓани досега, поради корона кризата, пријавиле дека ги загубиле своите работни места со спогодбен отказ или изјава, но според последниот број со кој располага, веројатно се работи за 6.000 - 7.000 лица.

Скопје, 3 јули 2020 (МИА) – Вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска не знае прецизно колку граѓани досега, поради корона кризата, пријавиле дека ги загубиле своите работни места со спогодбен отказ или изјава, но според последниот број со кој располага, веројатно се работи за 6.000 – 7.000 лица.

Царовска за ова прашање рече дека сепак, одговорот треба да се побара во Агенцијата за вработување.

-Последната бројка што ја имам е околу 6.000 – 7.000 лица, но, би ве упатила на Агенцијата за вработување да ви дадат точен и прецизен одговор, до каде се со обработка на тие барања и колку ги реализирале позитивно, истакна Царовска по посетата на компании во Општина Кисела Вода.

Вицепремиерката смета дека корона кризата ги поттикна компаниите побрзо да се трансформираат и да нудат нов тип на продажба – електронска или дигитална. Но, ако некој граѓанин е оштетен на каков било начин при добивањето на ваквата услуга, треба, како што нагласи, максимално да го искористи своето законско право за да се заштити како потрошувач.

Според Царовска, инспекторите работат интензивно, но и транспарентно, редовно одржуваат прес-конференции и координативни состаноци со граѓанските организации за да добијат реална слика од терен, а ги посетуваат и компаниите.

-Инспекторите навистина прават максимум, но важно е и граѓаните кои се оштетени да ги преземат сите процедури и законски мерки што им се на располагање за да биде заштитено нивното потрошувачко право, за институциите да постапуваат и за да има санкционирање онаму каде што има злоупотреба. Таков тип на злоупотреба не смее да се дозволи, истакна Царовска, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на компании во Општина Кисела Вода.

Секоја мерка, дополни, има позитивни и негативни страни.

-Секако дека има и многу среќни корисници на услугите што ги наметна кризата, како што е доставата на харана до домовите посебно за постарите, изнемоштени лица. Нашето општество полека станува современо, овој тип достава и набавка на храна и други производи, ќе продолжи, а сите предизвици со кои се соочуваат и компаниите и граѓаните, ќе треба да ги надминеме чекор по чекор. Во секој случај, се движиме напред, кон современи стандарди и современи општества, рече Царовска. мч/са/

Вицепремиерката Мила Царовска во посета на компанијата ,,Мако маркет"

Posted by MИА.mk on Петок, 03 јули 2020

 

 

Back to top button
Close
Close