Дописници МКДОпштински вести

Горан Зашов го фати богојавленскиот крст во Кочанска Река

Младиот Горан Зашов од Кочани имаше најмногу среќа меѓу триесет и двете момчиња да го извади светиот крст од водите на Кочанска Река на одбележувањето на празникот Богојавление - Водици. 

Кочани, 19 јануари 2020 (МИА) – Младиот Горан Зашов од Кочани имаше најмногу среќа меѓу триесет и двете момчиња да го извади светиот крст од водите на Кочанска Река на одбележувањето на празникот Богојавление – Водици.

На чинот на осветувањето присуствуваа голем број граѓани и верници од Општина Кочани, како и техничкиот премиер Оливер Спасовски, во придружба на министерот за земјоделство Трајан Димковски и кочанскиот градоначалник Николчо Илијев.

– На сите православни христијани, на Светиот архиерејски синод, на неговото блаженство, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, на свештенството и монаштвото во Република Северна Македонија им го честитам големиот христијански празник Богојавление – Водици. Денеска е денот кога сите треба да ги исчистиме нашите гревови, кога водите во нашата земја се преобразуваат во свети води и тој начин потсетуваат за крштевањето на Исус Христос во реката Јордан. Токму на овој празник на љубовта, на слогата, на заедништвото треба секој од нас да ја обнови својата духовна сила и заедно, во сплотеност, во единство да придонесеме и за лична и за колективна среќа и напредок. Затоа секој граѓанин на нашата држава треба да ја прими оваа порака, дека заедно можеме да направиме многу повеќе, и само преку слога и единство можеме да ги оствариме сите наши заеднички цели за развој и напредок, истакна Спасовски.

Честитки по повод празникот до сите христијански верници упати и градоначалникот на Кочани, Илијев, посакувајќи многу здравје и среќа, а на најсреќниот фаќач на крстот од име на локалната самоуправа му врачи пригоден подарок. та/сп/

Back to top button
Close
Close