Дописници МКДОпштество

Голема несразмерност во планираната и реализирана сеча на дрва кај подружниците на ЈП „Национални шуми“ од Источниот регион

Мониторингот на работењето на подружниците на ЈП „Национални шуми“ во Штип, Кочани, Виница, Делчево, Берово и Пехчево, што го спроведе граѓанското здружение „ИНИ“ од Виница, покажало голема несразмерност меѓу планирањето и реализирањето на годишните планови за сеча на дрвна маса.

Кочани, 10 јануари 2020 (МИА) – Мониторингот на работењето на подружниците на ЈП „Национални шуми“ во Штип, Кочани, Виница, Делчево, Берово и Пехчево, што го спроведе граѓанското здружение „ИНИ“ од Виница, покажало голема несразмерност меѓу планирањето и реализирањето на годишните планови за сеча на дрвна маса.

На завршната презентација на проектот „Имам право да знам и влијаам“, беше нагласено дека истражувањата покажуваат оти подружниците во Берово и Пехчево имаат подобар успех во исполнувањето на планот, додека кај другите разликата меѓу планирањето и реализацијата е двојно поголема во негативен износ. Освен тоа, подружниците во Кочани и Штип долги години работат со загуби, а износите се милионски, но од годишните завршни сметки не можат да се детектираат причините за тоа.

-Иако станува збор за работни единици на јавно претпријатие чија главна цел не е остварувањето профит, сепак тие работат со ресурс што претставува национално и јавно добро и не треба да дозволат негативни финансиски резултати. Годишно се планираат и по 20 илјади кубни метри дрво, а реализацијата е двојно помала, што остава простор за сомнеж во реалноста на податоците. Во делот на транспарентноста на „Национални шуми“, обичниот граѓанин тешко може да сфати што и како работат подружниците, иако за 2017 и 2018 година јавно достапни се голем број податоци. Претставени се исечените количини техничко дрво, огревно дрво, сеча во приватни шуми, сеча од меѓи и слично, при што е дадена средна цена на продаденото дрво, а непознато е колкави количини дрво по класи на квалитет е продадено и која е реално постигнатата цена. Освен тоа, подружниците не можат навремено да ги испорачуваат дрвата за огрев до крајните корисници, а граѓаните се жалат дека ги добиваат непосредно пред почетокот на грејната сезона, истакна Тодор Цонев, претседател на здружението „ИНИ“.

Според Цонев, освен загубата од околу 30 отсто на топлинската моќ кај влажните огревни дрва, дополнителна негативност е што со нивното согорување се испуштаат за приближно толкав процент повеќе штетни материи кои го загадуваат воздухот.

Како заклучок од проектот на здружението „ИНИ“ е распишувањето на тендерските постапки за превозници на огревното дрво да не се прави во втората половина на годината, туку порано, а од дирекцијата на ЈП „Национални шуми“ да се преземат посериозни мерки за намалување на негативното работење и натрупувањето загуби. Се препорачува и водење отворена и разбирлива база на податоци на секоја подружница, по примерот на граѓански буџет. та/вј/

Back to top button
Close
Close