Дописници МКД

Голем интерес за мерката за самовработување на младите во Кочани

Најголем интерес за мерката за самовработување со грант, односно за почнување сопствен бизнис покажале младите во Кочани од владиниот сет антикризни мерки во услови на пандемија од Ковид-19.

Кочани, 5 февруари 2021 (МИА) – Најголем интерес за мерката за самовработување со грант, односно за почнување сопствен бизнис покажале младите во Кочани од владиниот сет антикризни мерки во услови на пандемија од Ковид-19.

Според податоците од Центарот за вработување во Кочани, оваа мерка досега ја искористиле 46 невработени млади лица кои ги исполнувале пропишаните услови, иако бројот на поднесените барања бил поголем.

-Во изминатите десетина месеци најуспешна активна мерка што се реализираше кај нас е самовработувањето со грант. Младите невработени лица покажаа огромен интерес и дел од нив веќе отворија сопствен бизнис и засега успешно опстојуваат, со оглед на сите предизвици со кои се соочуваат поради здравствената криза. Од друга страна пак, најискористена од сетот мерки беше онаа за субвенционирање плати и за финансиска поддршка на малите и средни претпријатија во регионот, истакна Ацо Серафимов, раководител на Центарот за вработување – Кочани.

Од почетокот на здравствената криза во март минатата година, па до крајот на јануари годинава, во Кочани без работа по различна основа останале 202 лица кои веќе поднеле барања до Центарот добивање надоместок. Карактеристично е што сите тие не биле отпуштени од работа, туку им истекол рокот во договорите за работен ангажман.та/свс/

Back to top button
Close
Close