Дописници МКДОпштински вести

Голем интерес кај македонските ученици за Интернационалниот Стрип Конкурс „Велес 2021 – Златен стрип“ на СЦМ-Велес

Учениците од земјава пројавија голем интерес за пријавување со свои стрипови на Интернационалниот Стрип Конкурс „Велес 2021-Златен стрип“ кој Стрип Центарот на Македонија-Велес го објави на 1 март како дел од традиционалниот стрип салон на меѓународно ниво. На истиот, со свои стрипови веќе се пријавиле 30-тина ученици од училиштата во земјава, а има и 10-тина учесници од странство, информира Томе Трајков, програмски директор од СЦМ-Велес.

Велес, 21 април 2021 (МИА) – Учениците од земјава пројавија голем интерес за пријавување со свои стрипови на Интернационалниот Стрип Конкурс „Велес 2021-Златен стрип“ кој Стрип Центарот на Македонија-Велес го објави на 1 март како дел од традиционалниот стрип салон на меѓународно ниво. На истиот, со свои стрипови веќе се пријавиле 30-тина ученици од училиштата во земјава, а има и 10-тина учесници од странство, информира Томе Трајков, програмски директор од СЦМ-Велес.

– Сè уште има време до крајниот рок, 20-ти септември, и затоа очекуваме уште поголем број на пријавени ученици со свои стрипови. Воедно, и затоа што за разлика од досега, кога беа вклучени само одредени училишта од неколку градови во земјава, годинава се вклучуваат сè поголем број училишта. За стрипот има интерес и кај младите стрип автори од Велес, Кичево, Штип, Куманово, Скопје и сè повеќе други градови кај нас кои се интересираат и ни најавуваат дека веќе работат на свои стрипови и дека наскоро ќе ги испратат на конкурсот, информира Трајков.

Додава дека Македонскиот Стрип Центар-Велес е во постојана комуникација со училиштата во земјава, а интересот е голем.

– Тоа потврдува дека учениците се свртуваат кон стрипот. Одлично е и тоа што и наставниот кадар во училиштата го свртува интересот за 9-тата уметност-стрипот, и ги поттикнува учениците да цртаат свои стрипови. Се свртуваме кон сите средини пред сè етнички, овозможувајќи искажување освен со стрип, и со текст напишан на својот мајчин јазик, потенцира Трајков.

Тој потсетува дека неодамна македонската јавност ја информираа за нивното учество во меѓународен проект кој што дава фокус на историскиот стрип.

Трајков вели дека тие како СЦМ-Велес заедно со многу поддржувачи на стрип уметноста во земјава, веќе одамна бараат воведување на стрипот во редовниот наставен процес во земјава.

– Стрипот како медиум може да придонесе младите луѓе да ја канализираат својата енергија, гнев, жар, сето она што ги мачи како тинејџери или студенти. Истиот има можност да ги стимулира да си го најдат својот развоен пат, како личност, во еден друг позитивен правец. Непознат е за мене стрип каде што негативците победуваат, можеби хероите не победуваат секогаш, но, и не губат. Тоа е многу важно како порака во животот, споделува Трајков. Додава дека во Р.Хрватска стрипот се изучува факултативно во училиштата, а во Р. Бугарија е дел од високото образование.

– Кај нас, за жал, засега нема интерес тој да стане дел од формалното образование, барем во дел од часовите по ликовно. Стрипот не се изучува како посебен предмет ниту во Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, ниту на Ликовната академија, потенцира Трајков.

Тој и целата македонската стрип јавност смета дека уметничкиот и едукативниот потенцијал на стрипот треба да има подобар третман во земјава и наскоро да биде вклучен во наставниот процес во рамки на часовите по ликовно или како посебен наставен предмет.

Стрипот како уметност на живеење, според нив, на училишниот час треба да се најде на клупата, а не под клупата, како што постарите генерации ги криеле изданијата на Загор, Блубери, Мендрејк, Алан Форд.

Тој смета дека денешните деца се плашат од големината на страниците и не ги привлекуваат застарените жолти редови текст без ниту една слика, затоа е важно да има и слики во текстот.

Инаку деветтата уметност-стрипот е меѓу најстарите визуелни медиуми во светот и на различни начини влијаел врз општата култура во светот.

Пример е и самиот Пабло Пикасо кој од неговата пријателка и муза, Гертрудe Стајн, добивал стрипови во кои наоѓал инспирација за некои од своите слики. ад/ар/

Таг
Back to top button
Close
Close