0_Македонија.ПорталПолитика

Голем број повици во ИМП, капацитетот на Службата зголемен за 150 проценти, девет екипи цело време се на терен

Капацитетот на Службата за Итна медицинска помош (ИМП) е значајно зголемен за 150 проценти во однос на тоа што беше пред три години и од седум сега има близу 20 функционални возила. Околу девет екипи цело време се активни на терен.

Скопје, 26 јуни 2020 (МИА) – Капацитетот на Службата за Итна медицинска помош (ИМП) е значајно зголемен за 150 проценти во однос на тоа што беше пред три години и од седум сега има близу 20 функционални возила. Околу девет екипи цело време се активни на терен. Според најавата на матичните лекари се прави и соодветна координација, а сега договоривме и нов начин модел на кооридинација меѓу Службата за Итна медицинска помош, матичните лекари и болниците каде се хоспитализираат пациентите со Ковид-19 а тоа се ГОБ „8 Септември“, Инфективната клиника и болницата во Козле.

Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче по посетата на Службата за Итна медицинска помош. Посочи дека со директорот на Здравствениот дом Скопје, со раководителите, докторите и сестрите разговарале за предизвиците со кои ИМП секојдневно се соочува при транспортот на пациенти, а пред се тие кои се дијагностицирани со Ковид-19.

– Сега доаѓа летен период и вообичаено се зголемуваат повиците кон оваа служба. Во нејзини рамки има и служба за патронажни сервиси, Домашна посета и сето тоа бара една поинаква координација. И во таа смисла при денешната посета разговаравме за начините на кои тоа ќе се прави со цел значајно да се скрати времето на чекање посебно во овој летен период кога освен овие пациенти кои се навистина предизвик за транспорт пред се на оваа Служба, има и други вообичаени јавувања, рече Филипче.

Посочи дека вработените во Итната медицинска помош, докторите, медицинските сестри и возачите се едни од првите во борбата со овој голем здравствен предизвик и навистина заслужуваат големи пофалби за нивната макотрпна, секојдневна работа, која трае огромен број часови.

– Тие се влезени и во бројот на здравствени работници кои ќе добијат соодветна награда за својата работа во смисла на зголемување на примањата. Тоа се врвни професионалци кои се еден од столбовите на нашиот здравствен систем, додаде Филипче.

Раководителот на Службата за Итна медицинска помош, Милица Бубало рече дека една смена на вработените во Службата трае 12 часа, од 7 часот до 19 часот и од 19 часот до 7 часот следниот ден.

Посочи дека имаат голем број повици во Службата, како од граѓани со здравствени проблеми, така и од лица со симптоми на Ковид-19.

– Има многу повици. Една група граѓани реално си ги пријавуваат симптомите, што ги имаат во моментот и ја пријавуваат точната фактичка здравствена состојба, додека дел од граѓаните како да не сакаат да си признаат дека ги имаат симптомите на Ковид-19, и не ги кажуваат реално симптомите кога ќе се јават на линијата 194, при што нашите вработени се соочуваат со една тешкотија и на некој начин треба да бидат потпретпазливи заради тоа што не знаат што да очекуваат од другата страна, истакна д-р Бубало.

Во однос на тоа дали имале ситуација да ги носат лицата што се јавуваат во Итната медицинска помош во Ковид центрите, вели дека се уште останува протоколот, што е пропишан од  Комисијата за заразни болести и од Министерството за здравство, и препораката е секој пациент што ќе пројави симптоми на горна респираторна или каква било инфекција, прво треба да се јави кај својот матичен лекар, по што тој доколку има влошување на здравствената состојба се јавува во ИМП.

– Во некои дадени ситуации се случува директно да се јават и на нашата линија, во тој случај доколку пациентот на лекарот на телефон не му звучи лошо, во тој случај го упатува кон матичниот лекар, а доколку му звучи лошо, смета дека сепак треба да отиде наша екипа и тогаш ние интервенираме во таква ситуација, рече Бубало.

Истакна дека во просек во едно деноноќие има околу 30 до 35 транспорти на лица со Ковид-19, таа бројка е варијабилна и различна секој ден.

– Некогаш се и 20 транспорти на лица со Ковид-19. Повиците што ги имавме и претходно, стандардно остануваат, околу 100, а некогаш нивниот број е 120. Во моментот бројката на персоналот е доволна со оглед дека соодветно се одговара на повиците, а брзината на интервенцијата е како и претходно, додаде д-р Бубало. рп/нд/

Изјава на министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче и раководителот на Службата за ИМП, Бубало.

Posted by MИА.mk on Петок, 26 јуни 2020

Back to top button
Close
Close