0_Web_АктуелноSvet.SlajderСветСвет.Портал

Главниот собир на републиканците во Вашингтон се одвива под мотото „Америка против социјализмот“

Конзервативната политичка акција е клучен настан на републиканците во САД, и годинава, за разлика од претходните, е одбележан со претседателските избори.

Вашингтон, 29 февруари 2020 (МИА) – Конзервативната политичка акција е клучен настан на републиканците во САД, и годинава, за разлика од претходните, е одбележан со претседателските избори.

Во предизборието, републиканскиот естабилишмент навистина стапи во акција. Активистите и главните медиумски перјаници од „Фокс њуз“ неуморно повикуваат и застапуваат конзервативни ставови – забрана за абортус, право на оружје, цврсти граници со намален приток на мигранти, и ригорозна домашна антиимигрантска агенда.

На конференцијата, што трае три дена и ќе кулминира денеска со говор на претседателот Доналд Трамп, републиканците утврдија дека главна опасност за САД (и најверојатно за Трамп) е подемот на независниот сенатор од Вермонт, социјал-демократот Берни Сандерс.

Така, главниот републикански настан е одбележан со мотото „Америка против социјализмот“. Парадоксално, ако се знае дека во светот денеска владее глобалниот капитал и не постои земја со чисто социјалистичко државно уредување (освен Северна Кореја).

Но, републиканците по се изгледа се сериозни во врско со Берни Сандерс. Уште од завчера кога почна настанот, излагачите упорно укажуваа дека републиканците во САД водат војна против социјализмот, и се за слобода и демократија.

И, додека пулените на Трамп, опиниен мејкери, разните активисти и лобисти, укажуваа дека социјализмот е зло, претседателот синоќа, на митинг во Јужна Каролина, веќе му додели прекар на Сандерс: „лудиот Берни“.

Сенаторот, конечно, се најде во списокот на Трамп за омаловажување на противникот, по „малечкиот Мајк“ и „заспаниот Џо“, двајцата останати можни сериозни демократски против кандидати – поранешниот потпретседател Џо Бајден и милијардерот и поранешен градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг.

На републиканската конференција свое излагање имаше и шефот на кабинетот на Трамп, Мик Молвејни, кој покажа колку сериозно е убеден дека медиумите се виновни за падот на берзите во САД зашто „шират паника околу коронавирусот, а со цел да спречат реизбор на претседателот“.

Државниот секретар Мајк Помпео можеби имаше најтрезвен настап, откако неговата сопруга Сузан, во најавата укажа дека „омилената работа му била воената служба во Источна Германија… а негова главна опсесија се тенковите.“

Таа потоа го опиша патот на сегашниот државен секратар од војник до неговата прва конгресменска кампања, и подемот во администрацијата на Трамп.

На главното републиканско шоу, што се оддржува недалеку од Вашингтон, обично не настапуваат државните секретари, но Помпео синоќа беше поздравен како рок ѕвезда откако кажа дека „Америка станала сила на доброто“, зошто под водство на Трамп биле елиминирани главните закани како синот на Осама бин Ладен, иранскиот генерал Касем Сулејмани, и неколкуман останати терористи.

-Може ли да се согласиме дека светот стана подобро место откако овие луѓе веќе ги нема, кажа тој, предизвикувајќи громогласен аплауз.

На конференцијата настапи и потпретседателот Мајк Пенс, советниците на Трамп, Иванка Трамп и Џаред Кушнер, лидерот на републиканското малцинство во Претсавничкиот дом, Кевин Макарти, а главен гостин беше британскиот конзервативен лидер Најџел Фараж. кб/сд/

Back to top button
Close
Close