Svet.SlajderДописници СветСветСвет.Портал

Главни теми на самитот ЕУ-Кина: Хонг Конг, човековите права, Ковид-19, лажните вести…

Дваесет и втората лидерска средба меѓу ЕУ и Кина се оддржа денеска преку видеоконференциска врска, а средбата иако во тешка атмосфера, била плодна, порачаа од европска страна, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Брисел, 22 јуни 2020 (МИА) – Дваесет и втората лидерска средба меѓу ЕУ и Кина се оддржа денеска преку видеоконференциска врска, а средбата иако во тешка атмосфера, била плодна, порачаа од европска страна, јавува дописничката на МИА од Брисел.

На дневен ред биле сите најважни актуелни теми меѓу двата блока: состојбата со коронавирусот, но огромен дел од разговорите биле посветени на трговските односи, кои ЕУ ги оценува како нееднакви и небалансирани.

-Не е остварен посакуваниот напредок во однос на бариерите за пазарен пристап. Мора итно да се навратиме на ова и сакаме поголема амбициозност од страна на Кина за склучување на заеднички инвестициски договор, посочи претседателката Фон дер Лајен.

ЕУ смета дека ваква спогодба треба итно да биде склучена за да се усогласат правилата на трговската и инвестициската игра меѓу двете страни. Но, за тоа е потребно Пекинг да покаже поголема транспарентност во однос на сопствеништвото на претпријатијата, како и околу субвенциите, порача европската страна на прес конференцијата денеска.

Пред неколку дена Европската Комисија предложи да се воведат нови правила со кои ќе може да се спречи субвенционирањето на фирми на европска територија од страна на трети земји како Кина.

Фон дер Лајен на прес конференцијата потсети и дека ЕУ “добро знае“ кој стои зад “зголемените дезинформации“ на интернет и им порачала на кинеските власти дека “ова не може да се толерира“. Истото важи и за кибер нападите врз клучните европски структури забележани во последните месеци.

-Видовме напади врз компјутерски системи, болници…Точно знаеме кое е нивното потекло, истото важи и за дезинформациите, рече шефицата на Европската Комисија.

Мишел и Фон дер Лајен ја уверија европската јавност дека од Пекинг побарале “итно“ да ја гарантира слободата на населението во Хонг Конг и да го почитуваат принципот на една држава, два система, врз кој почиваат односите помеѓу Кина и Хонг Конг. Принцип кој е загрозен откако Пекинг одлучи да воведе нов безбедносен закон.

-Сериозно сме загрижени за безбедносниот закон и побаравме од Кина да ги исполни своите заложби дека ќе го гарантира високиот степен на автономија и слобода на Хонг конг, рече Мишел.

Претседателката на ЕК додаде дека “Кина ризикува многу негативни последици доколку го наметне овој закон“, но призна дека Пекинг не го дели овој став на Унијата.

-Нашиот однос со Кина не е лесен, но работиме на него, заклучи Фон дер Лајен.

Европската страна ја застапуваа претседателите на Советот и Комисијата, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен, заедно со шефот на дипломатијата, Јосеп Борел. Од кинеска страна – претседателот Си Џинпинг и премиерот Ли Кечианг. тм/сд/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close