0_Web_АктуелноДописници МКДОпштествоРепортажа

Ги носат децата во Михајлово за да видат снег

Возрасни луѓе од разни краеви ги носат своите деца и внуци да видат снег во Михајлово на планината Кожуф, бидејќи зимава е топла и снегот никако да дојде во најголемиот дел од градовите и селата во поширокиот регион, иако е толку многу посакуван. За да ги наполни акумулациите, да ѝ ја даде неопходната влажност на почвата, да ги уништи вирусите и бактериите, а најмногу од сè да ги изразува најмладите. Кога деновиве го посетив Михајлово, каде што еколошкото друштво „Екоживот” организира екоквиз за ученици, имаше што да видам. Одамна не сум сретнала толку многу насмеани лица. Некои од дечињата првпат ја почувствуваа убавината на снежната покривка. Но возбудата од белото планинско царство не беше помала и кај оние што од претходно го знаеја мирисот и вкусот на снегулките, но со душа чекаа повторно да им се насладуваат во таа прекрасна зимска идила.

Кавадарци,  8 февруари 2020 (МИА) – Возрасни луѓе од разни краеви ги носат своите деца и внуци да видат снег во Михајлово на планината Кожуф, бидејќи зимава е топла и снегот го нема во најголемиот дел од градовите и селата во поширокиот регион, иако е толку многу посакуван. За да ги наполни акумулациите, да ѝ ја даде неопходната влажност на почвата, да ги уништи вирусите и бактериите, а најмногу од сè да ги изразува најмладите. Кога деновиве го посетив Михајлово, каде што еколошкото друштво „Екоживот” организира екоквиз за ученици, имаше што да видам. Одамна не сум сретнала толку многу насмеани лица. Некои од дечињата првпат ја почувствуваа убавината на снежната покривка. Но возбудата од белото планинско царство не беше помала и кај оние што од претходно го знаеја мирисот и вкусот на снегулките, но со душа чекаа повторно да им се насладуваат во таа прекрасна зимска идила.

Се враќаат со подобрена крвна слика и румени обравчиња

Михајлово е богато со шума. Има бел и црн бор, ели, јасики, даб. Се наоѓа на четириесетина километри од Кавадарци, во срцето на Кожуф, на надморска височина од околу 1.200 метри. Оваа воздушна бања е оддалечена околу пет километри воздушно од соседна Грција.

Навечер, рекоа некои од гостите, ни се чини дека се чувствува мирисот на Егејското Море. Во 1952 година тука првпат биле изградени неколку простории за одмор и рекреација. Постојат и денес, а низ годините биле реновирани и надградени. Овде можете да имате неповторлив престој со јадења чиј мирис и вкус маѓепсува, па ги чувствувате и тогаш кога не сте во Михајлово, ве мамат повторно и повторно да дојдете и да бидете дел од таа возбудлива приказна, без разлика на годишното време.

Вистинско доживување е и пешачењето наоколу. Особено сега, кога во голем дел од градовите загадувањето на воздухот е прекумерно. Многумина од оние што ги сретнавме рекоа дека нивните деца ќе се вратат дома со подобрена крвна слика и румени обравчиња. Токму како што син ми се врати своевремено по неколкудневниот организиран престој во Михајлово преку училиште. Додуша тој уживаше во Михајлово лете, а за време на деновите поминати во планината со другарчињата правеле украсни лажици од специјална трева набрана во шумата. Кога тревата се суши, лажицата станува уште поубава. Речиси немаше дете што не научи да плете лажици или кошници. Некои ги чуваа за себе, а некои им ги подаруваа на своите најблиски. Дента кога своевремено во 2004 година престојувавме во Михајлово, за да ги посетиме децата, наставничката Златка Окардова беше дежурниот „виновник“ за оценките, но не во дневникот, туку за среденоста на детските соби. Сепак, повеќето од оценките беа петка со ѕвездичка.

Задоволство е да се има планината Кожуф на наша страна, за МИА вели кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. Со предлог-програма за оваа година веќе се предвидени ски-патеки во туристички цели, кај Михајлово. Таму, како што нагласи Јанчев, во дел од годината ќе има услови за скијање. Познавачите на состојбите на теренот велат дека зависно од сезоната, на Михајлово може да има снег и од октомври до април.

Лизгање со најлон, атракција и спомени

Видов многу деца како со санки се спуштаат по снегот. Сами, со повозрасни деца, со свои блиски возрасни лица. За моја голема среќа, имаше и многумина, млади, но и возрасни, што наместо со санки, јуреа на обични најлони. Како јас некогаш. Во моето детство, вистинско богатство за едно дете беше да има санка. Или можеби само мене така ми се чинеше на тие години. Јас и други деца никогаш немавме вистинска санка, како некои од другарчињата чии родители беа поимотни, па ете успеале да им купат од не знам каде или беа мајстори, па самите им направиле од железо и штица. Бев дете што се радува на секој нов снег, особено кога времето беше стегнато и не беше јужно, затоа што тогаш не се калпеше (редеше) тутун, па можев да излезам надвор и да ѝ се восхитувам на зимата.

Како и да е, спзганицата, како што во Тиквешко се нарекува лизганицата, во Михајлово не правеше разлика. Таа како да го извиваше своето тело под налетот на лизгачите, повикувајќи ги сите нив, без разлика на тоа кој на каков начин одлучил да ужива во нејзината магија. Имаше дури и едно дете што со тротинет се обидуваше да се движи по снежната патека. Можеби малку пристрасно, но ете мене најголем впечаток ми оставија токму оние што летаа на обични најлони како тие од моето детство. Само што сега, наместо по ридот во градот од кај продавницата во која работеше Ратка продавачката, па сè до куќата на баба Года, лизгањето беше по таа прекрасна планинска белина.

Оние деца што сега се лизгаа на најлони, не дека немаа санки, имаа, само сакаа да го доживеат и чувството како се лизгале многу луѓе во минатото. Повозрасните на најлони, пак, сакаа за момент да се вратат во своето детство и да ја почувствуваат безгрижноста, онаа безгрижност кога не ти е гајле за ништо, па дури и ако си  наводенет од глава до пети. И навистина, видов многу деца што безгрижно се маваа со топки, лежеа и се „сликаа” на снегот, без страв дека ќе се измократ. Некои пешачеа нагоре по планината, некои се забавуваа валкајќи топки снег. Имаше и такви духовити карактери што наместо дедо Снешко, направија баба Снешка. Сè беше толку волшебно, та човек да посака да не си оди и засекогаш да остане таму во природа. Снегулките што паѓаа чиниш грациозно како да танцуваат и срните што се шетаа одвреме-навреме дополнително го зголемуваа чувството како животот навистина, барем за миг, да станал бајка.

Светлана Дарудова

 

 

 

 

Back to top button
Close
Close