Дописници МКДОпштински вести

Георгиески: Неконтролирана урбанизација во охридскиот регион веќе нема да има

Акцијата за отстранување на дивоградбите од брегот на Охридското Езеро продолжува, се постапува на сите локации за каде се изготвени заклучоци и се обезбедени правосилни решенија. Луѓето се обидуваат на разни начини да ја избегнат правдата и законите, има политички, па и лични притисоци, но тоа нема да успее затоа што законот е на наша страна, изјави денеска градоначалникот на Охрид Константин Георгиески.

Охрид, 8 јули 2020 (МИА) – Акцијата за отстранување на дивоградбите од брегот на Охридското Езеро продолжува, се постапува на сите локации за каде се изготвени заклучоци и се обезбедени правосилни решенија. Луѓето се обидуваат на разни начини да ја избегнат правдата и законите, има политички, па и лични притисоци, но тоа нема да успее затоа што законот е на наша страна, изјави денеска градоначалникот на Охрид Константин Георгиески.

Кога станува збор за дивоградбите, тој појасни дека се отстрануваат сите нелегално изградени објекти, доградби, урбана опрема, потпорни ѕидови, се што низ годините наназад било градено без каква било контрола.

Георгиески потсети дека една година од враќањето од Баку каде се одржа 43-тата Сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, се вложуваат максимални напори во преземањето мерки согласно препораките за зачувување на статусот на регионот како светско културно и природно наследство.

– Изминатата година успеавме ги поместиме работите од нулта точка. Покажавме вистинска грижа, одлучивме да повлечеме црвена линија и да ставиме крај на самоволието и импровизациите. Со мерките и активности што ги спроведуваме ја запираме деградацијата на регионот и ги поставуваме параметрите за заштита и развој на долг рок. Донесен е сеопфатен План за управување со природното и културното наследство што претходните власти требало да го донесат уште во 2009 година, рече тој.

Активностите што ги презема општината и државата воопшто не соодветствува со одредени паушални мислења изнесени во јавноста дека се во насока на уништување на туризмот напротив, како што рече, со нив се инвестира во иднината на регионот, за што постои јасно декларирана поддршка од експертската јавност и меѓународната заедница.

– Охрид е универзално богатство сврстено во листа од 39 места во светот заштитени од УНЕСКО. Развојот на туризмот не е во корелација со поставување објекти на крајбрежјето од несоодветен материјал и навлегување во водите на најстарото езеро во Европа во кое живеат повеќе од 200 ендемски видови. Ние конечно започнавме да средуваме долгогодишен проблем и да надминуваме состојби што Охрид не ги заслужува. Мора на сите да ние стане јасно дека таков тип урбанизација на крајбрежјето веќе нема да има, рече Георгиески.

Тој нагласи дека нелегалните градби што се опасност по регионот и се во спротивност на режимите за заштита ќе бдиат отстранети согласно законските одредби, без селективност во постапувањето.

Во врска со приговорот на одредени концесионери за проценка на уставноста на Уредбата за враање на плажите во првобитна состојба, Георгиески појасни дека уривањето се спроведува согласно правосилни решенија за отстраување издадени од 2017 година и претходно.

– Оспорената уредба е во однос на постапувањето на инспекторатите за вршење на дејност, рече тој.

Што се однесува на струшкиот дел од крајбрежјето на езерото каде воопшто не се спроведува Уредбата, Георгиески рече дека постапувањето не е право а избор, туку обврска, со должност на секој јавен функционер да постапува согласно она за што е избран.

– Ние си го гледаме својот двор и си постапуваме. Го повикувам градоначалникот на Струга да се држи до законот, беше коментарот на градоначалникот на Охрид.

Во врска со главната туристичка сезона што веќе минува, градоначалникот рече дека е специфична, таква каква што е, ќе мора да се преживее и да се искористи како инвестиција за наредните сезони, да се одработи сега се што може за од наредната да се тргне од нов почеток. аб/са/

Back to top button
Close
Close