БалканБалкан.ПорталДописници Свет

Генерален штрајк на вработените во јавниот сектор во Грција

За одбележување на Денот на трудот, но и против новиот закон за работни односи на Министерството за труд, Синдикатот на вработените во јавниот сектор (АДЕДИ) во Грција за денеска закажа генерален 24-часовен штрајк и протести во Атина, но и во други грчки градови, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 6 мај 2021 (МИА) – За одбележување на Денот на трудот, но и против новиот закон за работни односи на Министерството за труд, Синдикатот на вработените во јавниот сектор (АДЕДИ) во Грција за денеска закажа генерален 24-часовен штрајк и протести во Атина, но и во други грчки градови, јави дописничката на МИА од Атина.

Денешниот штрајк е поддржан и од левичарски ориентирани организации и здруженија, но и од опозициската СИРИЗА, кои заедно со синдикатот закажаа протест во центарот на Атина, додека пак синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија, како и секогаш, ќе одржи посебен собир пред грчкиот Парламент.

Закажаниот штрајк ќе предизвика проблеми во морскиот и авионскиот сообраќај во Грција, како и во јавниот превоз во Атина.

Бродовите ќе останат закотвени на пристаништата, а на атинскиот аеродром нема да има летови во периодот од 11 до 15 часот по локално време, поради четиричасовниот прекин на работа на Унијата на грчките контролори на летање.

Како што вчера објави МИА откажани се денешните летови од Атина кон Скопје и обратно, летовите од и кон Ларнака и уште 14 домашни летови.

Од јавниот превоз во Атина, денеска единствено ќе функционираат автобусите, со оглед на тоа дека вработените во метрото, тролејбусите и трамвајот, учествуваат во 24-часовниот штрајк.

Од Синдикатот на вработените во јавниот сектор, велат дека Владата, со конкретниот закон за работни односи, меѓу другото, планира да го укине осумчасовното работно време и петте работни денови во неделата и да воведе десетчасовната работа, да ги укине колективните договори, но и да го попречи правото на штрајк.

Со слични барања се и од опозициската СИРИЗА кои исто така ќе учествуваат во протестите.

-Без прекин работат само часовниците. Во четврток на 6 мај штрајкуваме, порачаа од СИРИЗА преку социјалните мрежи.

Денот на трудот во Грција, оваа година се одбележува два пати – денеска и во вторникот, со оглед на тоа што се поделија синдикатите на вработените во јавниот и приватниот сектор, па така, оној на вработените во приватниот сектор завчера одржа 24-часовен штрајк, но без да организира протести.

Сепак и од двата синдикати оваа година, Денот на трудот го посветуваат на новите измени во законот за работни односи што ги носи Министерството за труд на Грција и упатуваат порака дека не смее во никој случај да се промени осумчасовното работно време. ср/ссм/

Таг
Back to top button
Close
Close