0_Македонија.ПорталПарламентарни избори 2020ПолитикаПолитички партии

ГДУ: Да ги вратиме младите во Македонија, потребна е поддршка и од неопределените гласачи

Со личен пример, повторно, сакаме да потсетиме дека Македонија може да ги врати младите дома, иако сметаме дека вистинскиот предизвик е потоа да ги задржиме тука, вели претседателот на Граѓанско Демократската Унија (ГДУ) Петар Колев.

Скопје, 8 јули 2020 (МИА) – Со личен пример, повторно, сакаме да потсетиме дека Македонија може да ги врати младите дома, иако сметаме дека вистинскиот предизвик е потоа да ги задржиме тука, вели претседателот на Граѓанско Демократската Унија (ГДУ) Петар Колев.

Од ГДУ велат дека во партиската структура, освен претседателот Колев има и уште неколку други членови кои работеле и живееле во европски држави и изминатите години се вратиле дома, покрај другото и со мисија да направат промена на нефункционалниот систем кој беше создаван изминативе 30 години во Македонија.

– Предвидливоста на условите за бизнис во европските држави дава ветар во грбот на секој школуван ентузијаст, затоа и иселениците се снаоѓаат во странство и за вработување, па и за развивање на сопствен бизнис. Но таа бизнис предвидливост ја нема во Македонија. Покрај бирократските и административни обврски што еден бизнис треба да ги исполни, има и неофицијални условувања – како што се партиски книшки и слично кои ја убиваат желбата за бизнис во Македонија, а и желбата за вработување кај младите. Потребни се коренити системски промени, како и реформи во образованието, здравството, економските услови за да младите останат дома. Зашто младите знаат како да заработуваат, имаат знаење, ама им недостигаат фер услови за бизнис, како и вработување на способните, наместо на подобните, вели Колев.

Тој истакнал дека системските промени се најтешки за реализација бидејќи Македонија веќе 30-тина години е заложник на три големи политички партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кои покажале склоност за манипулирање со системот за лично да се одржат на власт, како и да ја искористат таа власт првенствено за лични бенефиции.

– Промените во Македонија се неопходни и единствено можни ако граѓаните, особено оние кои се неопределени гласачи и кои вообичаено ги игнорираат изборите од разни причини, следната недела во среда се одлучат да ја искористат својата моќ да ги размрдаат големите партии. Исто како што и пред речиси четири години одлучија да се вклучат на Парламентарните избори и да донесат голема промена. Но, за жал видовме дека иако имаше некое поместување и промена, дека сепак тоа не беше доволно за коренити системски промени што силно сите ги посакуваме. На овие избори, потегот е повторно нивен. ГДУ смета дека овие избори се вистинскиот момент на политичката сцена да се наметне третата партија,  избор кој ќе им ги нарушува плановите и пазарите на големите играчи. ГДУ верува дека институциите треба да бидат водени од професионалци. Најважните одлуки и развојни планови за државата да ги носат експерти во своите области, а за некои области како судството, знаеме дека треба да побараме експертска помош од странство, зошто тука корупцијата го достигнува својот зенит. Приклучете се во нашата мисија – овие ставови и вредности да ги однесеме во парламентот и оттаму да продолжиме да бидеме погласни и институционално влијателни, посочува Колев.

Според ГДУ, најважна работа на светот за секој потенцијален гласач е неговото семејство, односно децата и нивната иднина. – А, за да го ресетираат нефункционалниот систем, треба да изберат политичари кои ќе овозможат да се изградат институции кои во центарот ќе го стават граѓанинот и неговите права, а не политичкиот естаблишмент, велат од ГДУ.фф/са/

Back to top button
Close
Close