Некатегоризирано

Фотографии и цртежи на гостиварските „ангели“ ќе одат на аукција

Педесетина цртежи и фотографии што ги изработиле деца со посебни потреби наскоро ќе бидат продавани на аукција.

Гостивар, 10 септември 2020 (МИА) – Педесетина цртежи и фотографии што ги изработиле деца со посебни потреби наскоро ќе бидат продавани на аукција.

Покрај ликовните дела кои беа создавани на Меѓународниот симпозиум на уметноста „Струга 2020, членовите на здружението „Заедно можеме“ од Гостивар на продажба ќе одат и фотографии кои започнаа да ги прават од денес. Активностите се во соработка помеѓу здружението и фотографот Осман Демири кој ќе ги запознае децата со фотографската техника и ќе им помогне да најдат мотиви.

Првиот човек на здружението „Заедно можеме“, Шпенди Салија напомена дека ова е чекор понатаму од проектот чија реализација започна во Струга во соработка со Здружението уметност и култура „Силиндарт“.

– Триесетина членови „нашите ангели“ ќе ги откријат тајните на фотографијата и ќе добијат можност да творат. На таков начин, претходно остваривме соработка со наши локални уметници. Од двете активности очекуваме околу педесетина дела. Нив ќе ги дадеме на аукција и на тој начин ќе обезбедиме дополнителни средства за да финансираме активностите на здружението, изјави за МИА Шпенди Салија.

На првата средба со фотографските апарати, децата во летниот амфитеатар покажаа интерес и се забавуваа додека ги правеа првите фотографии. Фотографот Осман Демири рече дека го прифатил предизвикот, бидејќи немал такво искуство претходно.

– Ја прифатив поканата за да одржам еден мал курс и да им ја приближам фотографијата на овие деца. Сум посакувал да бидам дел од вакво нешто, бидејќи сакам да ја почувствувам нивната душа и да бидам дел од нивниот свет. Окото и душата ни се исти, е сега сакам да ги видам нивните можности и како ќе реагираат, рече Демири.

Од здружението планираат да направат продажна изложба со аукција на делата и на неа да поканат личности од јавниот и политичкиот живот кои со купувањето на некое од делата ќе покажат и еден вид поддршка на лицата со посебни потреби.

Тројца ликовни уметници од Гостивар веќе им помагаат на младите автори за да нивните слики бидат опремени и добијат лик на уметничко дело. Се очекува наредниве денови и да се направи селекција на фотографии од поубавите делови и објекти со културно-историско значење низ Гостивар. згм/нд/

Back to top button
Close
Close