Некатегоризирано

Фосилите од Стамер на изложба во Делчево

Фосилите од палеонтолошката гробница на животни кај Стамер, Делчевско ќе бидат изложени прв пат пред делчевци во рамките на тематската изложба „8 MEGA ANNA“ .

Делчево, 6 декември 2019 (МИА) – Фосилите од палеонтолошката гробница на животни кај Стамер, Делчевско ќе бидат изложени прв пат пред делчевци во рамките на тематската изложба „8 MEGA ANNA“ .
Изложбата како што информираа од Општина Делчево, која го организира настанот, е плод на повеќегодишните истражувања на палеонтолози и експерти од Природонаучен музеј на Македонија и Природонаучниот музеј во Софија на палеонтолошките гробници на пикерминска фауна лоцирани во Долни Дисан-Неготино и Стамер-Ѕвегор-Делчевско.
-Оваа изложба ќе биде посветена на најпознатиот македонски палеонтолог проф. д-р Ристо Гаревски. Неговиот потпис стои на откритието на палеонтолошката гробница кај Стамер, како и најзначајното откритие во Стамер, фосилот од череп на жирафа. Во рамки на настанот ќе бидат изложени и минерали од Делчевско, а истата ќе биде збогатена со теренски црно-бели документарни фотографии од авторот Александар Гаревски, информираа од општината.
Како што истакна Билјана Гаревска од Природонаучниот музеј Скопје, изложбата ќе има воспитно-образовен карактер и ќе им овозможи на посетителите да се запознаат со една ретка фосилна мега фауна карактеристична за Балканот.
-Изложбата се состои од фосилен материјал од пет различни видови фосилни слонови кои за прв пат се среќаваат на еден ист локалитет, потоа носорози, џиновски мрзливци, антилопи, газели, мајмуни и др. кои се членови на така наречената пикермиска фауна. Со други зборови, изложбата ќе биде еден вид запознавање на посетителите со една интересна група на фосилни цицачи стари 8 милиони години, рече Гаревска.
Изложбата во Делчево ќе биде отворена на 11 декември со почеток во 13 часот во фоајето на Спомен-домот АСНОМ. Со оваа тематска изложба, Општина Делчево ја отвора новогодишната програма во која се предвидени и новогодишни концерти и театарски претстави. вс/сст/

Back to top button
Close
Close