0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталОпштество

Форум: Моделот на здравствената заштита за мајките и новороденчињата во државава, пример што ќе се промовира на Балканот

Моделот на здравствената заштита за мајките и новороденчињата што се базира на силна примарна здравствена заштита во државава е пример што ќе го промовираме и ќе го користиме за целиот овој регион на Балканот, особено делот на дигитализацијата, односно дигиталното здравје. Секоја реформа е тешка и за секоја реформа е потребно време, но она што е битно е дека сте на вистинската патека и Светската здравствена организација ќе продолжи со поддршката.

Скопје, 27 февруари 2020 (МИА) – Моделот на здравствената заштита за мајките и новороденчињата што се базира на силна примарна здравствена заштита во државава е пример што ќе го промовираме и ќе го користиме за целиот овој регион на Балканот, особено делот на дигитализацијата, односно дигиталното здравје. Секоја реформа е тешка и за секоја реформа е потребно време, но она што е битно е дека сте на вистинската патека и Светската здравствена организација (СЗО) ќе продолжи со поддршката.

Ова денеска го истакна новиот регионален директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, кој рече дека државава е меѓу првите земји која ја посетува и тоа претставува една политичка потврда за реформите, за вистинскиот пат по кој се движат реформите во земјата.

– Пред две години бев присутен на првиот Национален форум за здравје, каде темата беше токму примарната здравствена заштита и тогаш му кажав на министерот дека ако реформите во оваа сфера се движат со посакуваното темпо и во вистинската насока дека ќе дојдам и на Вториот Национален форум за здравје. Денес сум тука и темата на овој денешен Национален форум за здравје е здравствена заштита на мајките и новороденчињата. Здравјето на бремената жена ќе има големи влијанија врз здравјето на новороденчето и понатаму во животот. Објективен факт е тоа дека морталитетот кај предвремено родените бебиња се има намалено за половина, односно за 50 проценти во период од две години, истакна Клуге.

Тој посочи дека изутрината ја посетил јавната здравствена установа Поликлиника „Букурешт“, каде можел да види низ разговор со вработените таму какви придобивки има од алатката на електронското здравство „Мој термин“, што, како што рече, претставува алатка за координирање на примарната со секундарната и терцијарната заштита и неизбежната улога на патронажните сестри.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека Форумот е посветен на мајчиното здравје и здравјето на бебињата.

– Навистина многу сработивме во овие изминати две години и горди сме на резултатите. Се инвестираше сериозно, се надградија капацитетите на сите најголеми родилишта во нашата земја, се инвестираше во инфраструктурата, во опрема, во прием на нов кадар, во едукација на кадарот, врвни експерти дојдоа кај нас, се направија едукација и семинари со што се надгради знаењето на луѓето кои работат во гинеколошко акушерските одделенија…, се инвестираше со имплементација на нови протоколи, 16 европски протоколи се имплементирани во сите јавно здравствени установи. На резултатот сите се гордееме. Неонаталната смртност на предвремено родените бебиња е преполовена. Ќе продолжиме со истиот интензитет да работиме и понатаму, додаде Филипче.

Сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска истакна дека е неопходно да се даде посебен импулс за поставување на вистинско место на примарната здравствена заштита, која треба да претставува главен столб за унапредувањето на целокупниот здравствен систем, бидејќи oдговара на најважните и превалентни потреби на граѓаните и заедницата.

– Идното здравје на нашите деца зависи од здравствената состојба на мајката уште пред забременувањето, но и од квалитетот на емотивната и социјалната врска меѓу мајката и најблиското семејство со новороденчето веднаш по породувањето. Неопходна е сеопфатна едукација на поединците во рамки на овој холистички пристап. Координацијата и комуникацијата меѓу здравствените работници во примарната здравствена заштита и поврзувањето со социјалните сервиси е круцијално. Тоа опфаќа координација и размена на информации меѓу лицата во примарната здравствена заштита, општите лекари, превентивните тимови и тие кои пружаат грижа во домашни услови. Но, тука спаѓаат социјалните работници, цивилното општество, организациите на пациентите, рече Ѓоргиевска.

Таа потенцира дека секоја бременост треба да биде посакувана и секое раѓање безбедно, а посебно внимание треба да се посвети на ризичните бремености и нивното следење, правилниот транспорт и на предвремено родените бебиња. Неопходно е, нагласи таа, доследно спроведување на редовно ажурираните болнички протоколи, на стандарди и инвестирање во човечкиот капитал во болниците и обуки каде се случува раѓање, и тоа што според мене, е најважно, почитување на правата и желбите на мајката.

– Иако овие цели кај нас во голема мерка се постигнати, бидејќи активно се работи на агендата 2030 и целите за одржлив развој на ОН, како и со востановувањето на заложбите за планот за акција на меѓународната конференција за популација и развој во Најроби, сепак потребно е да се направи понатамошен поттик здравствениот сектор да продолжи да прави континуирани напори со цел понатамошна промоција и заштита на здравјето на децата и жените во репродуктивниот период, додаде Ѓоргиевска. рп/сп/

Back to top button
Close
Close