0_Македонија.ПорталВидео изјаваГраѓански секторПолитика

Форсгрен Бенгстон: Темелните вредности на ЕУ се еднакво важни и во Северна Македонија

Шведска сака да види континуирана соработка помеѓу ЕУ и Западен Балкан. Го поддржуваме процесот на пристапување на Северна Македонија и реформската агенда. Ќе продолжиме да даваме поддршка и во областа на медиумските слободи и во областа на владеењето на правото не само овде туку и во друигите балкански земји.

Скопје, 2 декември 2019 (МИА) – Шведска сака да види континуирана соработка помеѓу ЕУ и Западен Балкан. Го поддржуваме процесот на пристапување на Северна Македонија и реформската агенда. Ќе продолжиме да даваме поддршка и во областа на медиумските слободи и во областа на владеењето на правото не само овде, туку и во другите балкански земји. Темелните вредности врз кои почива ЕУ содржани во членот 2 од Лисабонскиот договор мора сите да ги почитуваме – слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото, почитување на човековите права. За нас нема компромис околу владеењето на правото и демократијата.

Ова го истакна шведската амбасадорка Кристин Форсгрен Бенгстон на отворањето на Форумот на граѓанското општество „Одбрана на европските вредности во процесот на пристапување“ што денеска и утре се одржува во Младинскиот културен центар во Скопје. Таа потсети дека пред 25 години Швеѓаните гласаа на референдумот за пристапување во ЕУ и тоа го сметаат за нивна заложба за изградба на една нова Европа базирана на соработка, мир и демократија.

Денес во Шведска, рече таа, веруваме дека една кохезивна ЕУ е нашиот најголем капитал во еден свет кој што изобилува со несигурност и неизвесност, затоа што на тој начин ќе можеме да се бориме против предизвиците на нашето време.

Доколку ЕУ нема присуство тука други сили ќе ја пополнат празнината и тука е многу важна можноста на земјите да станат полноправни членки, но пред тоа треба да се исполнат одредени услови на тој пат. Но, условите треба и понатаму да се почитуваат откако земјата ќе стане полноправна членка. На тој начин ќе се изгради една посилна ЕУ… Сметаме дека човековите права мора да бидат активно бранети и во рамки на ЕУ, но и надвор од неа. Вашата улога во ова е суштинска и ќе биде таква и во идинина. Прашањата за демократијата, владеењето на правото и човековите права се важни за Шведската Влада, но се исто така важни и овде во Северна Македонија и во Западниот Балкан, рече амбасадорката Форсгрен Бенгстон.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска истакна дека ги спроведуваме реформите затоа што сакаме подобра држава и сакаме да живееме во општество кое е демократско, каде се почитуваат сите граѓани, кое е праведно, кое се бори и сака правда, а тоа е рече, секојдневен напор.

– Но, она кое што знаеме да го направиме како во бранови е дека се бориме додека не постигнеме една цел, и потоа малку ентузијазмот паѓа и сметаме дека работата е завршена. Работата за демократија и за демократските вредности не завршува никогаш, особено во моменти кои се случуваат и сега и ќе се случуваат и понатму во свет каде имаме одредени сили кои навистина сметаат дека овие вредности не треба да бидат толку присутни. Токму затоа сега навистина се потребни сите оние кои успеаја да го урнат режимот во нашата држава, да продолжат со истата енергија и ентузијазам за да ги штитат граѓнаските права, рече Цароска.

Таа посочи дека сите реформи кои се водат и се спроведени во Министерството за труд и социјална политика се во насока на заштита на демократските вредности и не се заради тоа што одредено ЕУ поглавје го бараат тоа, туку заради обезбедување поквалитетен живот на граѓаниите и задржување и растење на нашите деца во државата.

– Она што ЕУ го наметнува како барање и го пишува и во извештаите, ни дава дополнителен стимул, ни дава можност да се провериме до каде сме стигнале, уште што недостига, кој е следниот чекор. И ние тоа треба да го следиме, но секогаш на ум мора да остане пораката дека се што правиме како Владата, како НВО, и како други институциите, па и како администрација, оти тие се клучот на заштита на овие вредности, го правиме заради самите нас и заради децата кои сметаме дека треба да растат во нашата држава. Таа битка не застанува никогаш и не застанува се додека не кажеме дека нема веќе ниту еден предизвик за демократијата и за правдата во нашата држава, рече Царовска.

На форумот ќе учествуваат стотина активисти за заштита на човекови права од регионот на Западен Балкан и Турција. Организатори на настанот се „Сивил Рајтс Дефендерс“, а според најавата, во текот на двата дена ќе бидат одржани серија панел дискусии и работилници, на кои учесниците ќе споделуваат искуства и ќе дискутираат како да се искористат евроинтеграциските процеси за остварување на  целите на одбрана на човековите права, кои се клучните предизвици поврзани со владеењето на правото и на кој начин можат да ја осигураат својата безбедност во услови на засилен пораст на популистички закани. вг/сп/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close