0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталBiznis.SlajderБизнисБизнис.ПорталЕкономија

ФИТР: 123 домашни компании во финална фаза на Повикот за брзо прилагодување против КОВИД-19, се подготвува следен повик  

Вкупно 123 домашни компании продолжуваат во фазата на финална селекција во рамките на Јавниот повик за брзо прилагодување од последиците од КОВИД-19 на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), прв циклус. Овие компании планираат инвестиции од 237 милиони денари, од кои 97 милиони денари се нивен влог, додека од ФИТР побаруваат скоро 139 милиони денари. 

Скопје, 14 август 2020 (МИА) – Вкупно 123 домашни компании продолжуваат во фазата на финална селекција во рамките на Јавниот повик за брзо прилагодување од последиците од КОВИД-19 на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), прв циклус. Овие компании планираат инвестиции од 237 милиони денари, од кои 97 милиони денари се нивен влог, додека од ФИТР побаруваат скоро 139 милиони денари.

На повикот кој беше отворен од 29.05 до 03.07.2020 година, аплицираа вкупно 166 компании.

Како што соопшти ФИТР, од 123-те компании, 74 отсто аплицираат првпат во Фондот, 17 отсто втор или повеќе пати без претходно добиена поддршка, додека само девет проценти се претходни корисници на средства. Според анализите, во најголем дел се работи за мали (67) и микро (47) компании, како и за девет средни претпријатија.

Најголем дел на инвестициските планови се од областа на здравството, ИТ, трговијата но и категориите како машинство, креативната индустрија, угостителство и текстилната индустрија.

Во процесот на примарната селекција на инвестициските планови Фондот ангажираше соодветни надворешни стручни лица. Оценувањето се врши врз основа на следните критериуми: технолошки напредок и степен на дигитализација, односно во кој степен проектот ќе придонесе за дигитализација во процесите, развивање на нов или значајно подобрен производ, услуга или работен процес кај апликантот, потоа квалитет на проектот, капацитет на проектниот тим и влијание. Како новина во овој повик е воведено и дополнително бодување за компании со жени во управувачката односно сопственичката структура и компании што доаѓаат од помалку развиените региони, кои ќе имаат и предност при селекцијата.

Анализите покажуваат дека со воведувањето на овие критериуми, само со првиот циклус е поттикнато учество на компании управувани или во сопственост на жени, и тоа 46%, а зголемен е и бројот на компании со седиште во помалку развиените региони. Споредено со претходните повици, регистриран е пораст во југоисточниот (11 отсто), источниот (10 проценти) и полошкиот регион (четири отсто).

Процесот на финална селекција продолжува онлајн, а конечната одлука за ко-финансирање ќе ја донесе Комитетот за одобрување на инвестиции, според горепсоменатите критериуми.

Во фаза на подготовка е нов циклус на аплицирање за финансиска поддршка за економско заздравување. За таа цел, Фондот во соработка со стопанските комори достави посебен прашалник до широк број на домашни компании. Со прашалникот, компаниите имаат можност за директен придонес во креирањето на условите за вториот циклус што Фондот планира да го реализира веднаш по завршување на тековниот. Прашалникот е поместен на следниот линк (https://docs.google.com/forms/d/e/1FAIpQLSfDmh-RNYUTSav0j6c69lajOOWHPnYBw0Lhhem8rnRPTXuTCQ/viewform)  и достапен е за сите микро, мали, средни и големи компании од С.Македонија.

За реализација на втор и следни циклуси на јавни повици за економско заздравување Фондот иницира дополнителни средства од Владата, над веќе обезбедените 200 милиони денари, од кои поголем дел ќе бидат искористени уште со првиот циклус.

Програмата за економско заздравување е дел од третиот пакет економски мерки на Владата на С.Македонија и е наменет за поддршка на микро, мали и средни компании кои имаат потврден потенцијал за успешно работење. мч/са/

Back to top button
Close
Close