0_Web_АктуелноBiznis.SlajderАнализаБизнисБизнис.ПорталЕкономијаМИА Истражува

Финишира изградбата на примарниот гасовод, готов до крајот на годинава

Изградбата на примарниот гасовод во земјава е при крај и останува да се доизградат уште триесетина километри од магистралните гасоводи Неготино - Битола и Скопје - Гостивар со крак за Тетово.

Скопје, 7 март 2020 (МИА) – Изградбата на примарниот гасовод во земјава е при крај и останува да се доизградат уште триесетина километри од магистралните гасоводи Неготино – Битола и Скопје – Гостивар со крак за Тетово.

За непречена изградба на националниот гасоводен систем, во вкупна должина од 204 километри, во наредниот период се обезбедни финансиски средства во износ од 90 милиони евра преку кредит од комерцијални банки и е подготвена неопходната документација.

Веќе 100-отстотно е реализирана делницата Блок станица 5 – Неготино во должина од 36 километри со мерни станици Штип и Неготино. Нејзината изградба почна во 2016 година, а се очекува примопредавањето и техничкиот прием да заврши во првиот квартал од годинава.

Заклучно со декември 2019 година се завршени 80,76 отсто од работите за изградба на делницата Неготино – Битола во должина од 92 километра со мерни станици Индустриска зона Кавадарци, Прилеп и Битола. Изградбата на оваа делница започна во првиот квартал од 2017 година, а се очекува да заврши во четвртиот квартал од годинава.

Најмала реализација од 56,91 отсто заклучно со декември лани има на делницата Скопје – Тетово – Гостивар, која е во должина од 76 километри со крак од 10 километри кон Тетово, а во нејзин состав се и мерните станици Тетово и Гостивар. Изградбата почна во четвртиот квартал од 2016 година, а треба да заврши до крајот на годинава.

Според директорот на Национални енергетски ресурси (НЕР) Бајрам Реџепи, доколку продолжи веќе воспоставената динамика на градба набрзо треба да бидат изградени гасоводните линии и да почне проверката на техничката исправност. Очекува до крајот на годинава гасоводите да бидат функционални и да почнат да течат првите количини гас.

Повеќе интерконектори за помала цена на гасот за крајните потрошувачи

Од Владата велат дека нивната цел не е само да се донесе гас до потрошувачите, туку тој да биде поевтин. Во таа насока неодамна Министерството за економија објави јавен повик за избор на изведувач за изградба на дистрибутивната мрежа по пат на јавно-приватно партнерство, кој ќе биде задолжен во рок од четири години да ја изгради секундарната мрежа по градовите во земјава.

Покрај тоа, од Фондот за Западен Балкан (WBIF) веќе е обезбеден грант од 10 милиони евра за интерконективното гасно поврзување со Грција, а се прават напори за да се обезбеди и ново интерконективно поврзување со Бугарија со изградба на гасовод од Струмица до Петрич. Во фаза на изработка е и студијата за оправданост за интерконективно поврзување со Косово.

– Градбата на преносниот систем е речиси готова и ни остануваат околку 30 километри за да ги изградиме последните делници од Неготино до Битола и од Скопје до Гостивар и Тетово. Веќе добивме грант од 10 милиони евра за интерконекторот со Грција, а при крај сме и со преговорите за да ја обезбедиме целата финансиска конструкција за оваа делница и очекувам до крајот на годината да го објавиме повикот за градба. Добивме грант и за физибилити-студијата за интерконекторот со Косово, вели директорот на НЕР Бајрам Реџепи.

Интерконективното поврзување со Грција, според надлежните, ќе обезбеди пристап до азербејџанскиот гас со што се отвора можност за конкуренција и намалување на цената на природниот гас, кој досега во земјава доаѓаше само од Русија преку интерконективниот гасовод од Бугарија.

Поврзувањето со Косово, пак, ќе значи дека преку земјава ќе се транспортира гас.

– На годишно ниво од транспорт на гас до Косово земјава може да заработи околу еден милион евра, нагласи Реџепи.

За нова интерконективна врска со Бугарија во близина на Струмица најмногу се залага Македонско-бугарската стопанска комора. Според нив, во Струмица може да се направи дистрибутивен центар за компримиран гас, кој ќе може да се користи во деловите од земјава каде што нема директна врска со примарниот гасовод.

Интерконекторот со Грција меѓу селата Богородица и Стојаково

Гасоводот од Грција во нашата земја ќе влезе меѓу селата Богородица и Стојаково и ќе поминува кај селата Прдејци и Смоквица, додека Гевгелија ќе биде споена со него на приклучната станица што ќе се гради на влезот од градот, информираа неодамна од „Национални енергетски ресурси“. Интерконекторот ќе овозможи државата да се приклучи на гасоводот на ТАП и на ЛНГ-терминалите што се наоѓаат на брегот на Егејското Море, со што ќе се обезбеди уште една точка на испорака покрај онаа што доаѓа од Русија преку Бугарија.

Проектот треба да биде реализиран до крајот на годинава, а за приклучувањето на Гевгелија на интерконекторот ќе биде изработен посебен проект за секундарна гасоводна мрежа. Општина Гевгелија веќе аплицирала за негова изработка на објавениот повик од Амбасадата на Шведска, УНДП и Министерството за локална самоуправа.

Интерконективниот гасовод од Грција ќе се вкрсти кај Неготино со гасоводот од Бугарија, со што ќе обезбеди предуслови за поголема раширеност на гасоводната мрежа во земјата.

Стопанствениците бараат уште еден интерконектор со Бугарија

Иницијатива за ново интерконективно гасно поврзување меѓу Македонија и Бугарија со изградба на гасовод од Струмица до Петрич во декември во Скопје пред институциите од областа на енергетиката во земјава презентираа претставниците на македонско-бугарската и бугарско-македонската стопанска комора. Презентацијата пред тогашниот премиер Зоран Заев ја вршеа претставници на „Булгартранс гас”, а истата иницијатива му била презентирана и на бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Иницијативата предвидува формирање заедничко претпријтие меѓу двете држави, кое ќе го изготви проектот и ќе се обиде да обезбеди средства за негова реализација. Според првичните проценки, гасоводот би чинел од 20 до 25 милиони евра, проектот би се изработил за два – три месеци, а цевките би биле поставени за помалку од три месеци.

Евентуалната изградба на ваквиот проект е од стратегиско национално значење бидејќи дава можност за втор извор на енергија и можност за поврзување со ТАП (Trans Adriatic Pipeline).

Објавен повик за јавно-приватно партнерство за изградба на дистрибутивниот систем на гас

Министерството за економија објави јавен повик за доделување договор за воспоставување јавно-приватно партнерство за финасирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас во земјава.

Право на учество на тендерот имаат компании или конзорциуми што имаат најмалку пет години искуство во дистрибуција на природен гас, најмалку 100 илјади корисници приклучени во нивниот систем за дистрибуција, имаат дистрибуирано најмалку три милијарди кубни метри природен гас во последните три години и имаат годишен приход од најмалку 150 милиони евра  во последните три години. Услов на повикот е приклучокот на системот за дистрибуција да не чини повеќе од 100 евра по домаќинство, но операторите можат да понудат субвенции за граѓаните и бесплатен приклучок.

Јавниот повик ќе се спроведе како постапка на конкурентен дијалог во согласност со Законот за концесии и јавно-приватно партнерство и Законот за јавни набавки во рамките на која понудувачите ќе имаат можност да понудат соодветно решение. Проектот ќе се реализира во три фази од кои во првата ќе се изврши претселекција, а во втората понудувачите ќе можат да учествуваат во дизајнирањето на проектот и да дадат технички решенија што ќе бидат евалуирани. Во третата фаза за прифатеното техничко решение, кое ќе вклучи опфат, услови и времетрање на концесиски период што не смее да биде повеќе од 35 години, понудувачите треба да достават економски најповолна понуда.

– Целата инвестиција за изградба на дистрибутивниот систем на гас ќе биде поголема од 300 милиони евра и ќе се спроведе во три фази со однапред определена динамика. Ќе има индиректен позитивен импакт и во другите области, а во изведувањето ќе бидат вклучени домашни и странски компании. Со објавувањето на јавниот повик почнува првата фаза што ќе трае 120 дена, односно до 9 јуни, по што ќе следува отворањето на понудите. Очекуваме целата постапка од повикот да заврши до четвртиот квартал годинава. При евалуацијата на понудите Министерството за економија ќе ги земе предвид висината на надоместокот за приклучок, концесискиот надоместок и времетраењето на градбата, рече министерот за економија Крешник Бектеши по објавувањето на повикот.

Тој прецизира дека откако ќе биде избран, приватниот партнер ќе има обврска во рок од четири години од добивање на секое поединечно одобрение за градење да изгради по најмалку 50 отсто во градските и 20 отсто во руралните општини од предвидената примарна дистрибутивна мрежа на природен гас. Очекува до крајот на годинава да почнат да се градат првите метри од дистрибутивната мрежа.

Директорот на НЕР Бајрам Реџепи рече дека очекува до крајот на годинава да почне изградбата на дистрибутивниот систем во неколку града, особено во оние во кои веќе е проектиран. Во првата фаза од градбата, додаде, ќе се вклучат сите општини што гравитираат околу преносниот систем.

Според него, согласно пресметките за стан од околу 85 квадратни метри во кој живее четиричлено семејство адаптацијата на внатрешните инсталации за примена на природен гас ќе чини околу 1.500 евра, но може да биде и помалку бидејќи, како што рече, има голема конкуренција во регионот за таквите апарати. Покрај тоа, додаде, има семејства што веќе имаат парно греење и ќе треба само да го сменат котелот и да купат шпорет и бојлер на гас. Воведувањето гас, прецизира, согласно искуствата на соседите за 70 – 75 отсто ќе ги намали сметките за електрична енергија.

Валентин Јанковски

 

 

 

 

 

Back to top button
Close
Close