0_Македонија.ПорталОпштество

Филипче: Граѓаните да ги откажат патувањата во Италија доколку немаат итна потреба

Граѓаните доколку немаат итна потреба, да ги одложат патувањата за регионот на Северна Италија, апелираше попладнево министерот за здравство Венко Филипче по најновите случаи на заболени и починати од коронавирус во Италија.

Скопје, 24 февруари 2020 (МИА) – Граѓаните доколку немаат итна потреба, да ги одложат патувањата за регионот на Северна Италија, апелираше попладнево министерот за здравство Венко Филипче по најновите случаи на заболени и починати од коронавирус во Италија.

– Денеска бевме во интензивен контакт со нашиот конзул во Венеција. Во овој момент нема податоци дека имаме заболени или под опсервација наши граѓани во Италија. Го замоливме конзулот доколку постои механизам тој да биде известен ако некоја група наши граѓани сака да се врати во нашата земја и на тој начин ќе имаме дополнителни информации каде и кога тие би се појавиле на граничните премини, изјави Филипче.

Посочи дека за денеска во 17 часот е закажан состанок со Центарот за управување со кризи по кој ќе се знае дали ќе се побара од средните училишта да ги откажат закажаните екскурзии во Италија.

– Со конкретни информации во име на другите институции би излегле по состанокот во 17 часот, изјави Филипче.

Во врска со подигнувањето на нивото на внимателност и подготвеност на сите институции, по состанокот на Комисијата за заразни болести, а по повод појавата на заболени и починати од коронавирусот во Северна Италија, рече дека се воведува контролата на сите патници кои доаѓаат во државава, а доколку има патници кои треба да се опсервираат подготвени се Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип, а подготвени ќе бидат и инфективните тимови во болницата во Велес и во Гостивар, по потреба во зависност од тоа колку граѓани ќе треба, ако воопшто треба, да се опсервираат. Тестирањата на сомнителни случаи ќе се вршат на Клиниката за инфективни болести во Скопје и на Инфективното одделение во болницата во Куманово.

Појасни дека граничните полицајци и царинарници постапуваат според посебен прашалник, што значи сите патници се прашуваат од каде доаѓаат, дали евентуално од некои од критичните региони, дали биле во контакт со заболени.

– Врз основа на одговорите граничната полиција стапува во контакт со регионалниот Центар за јавно здравје или со Институтот за јавно здравје во Скопје, а понатаму доколку има некој патник кој би бил потенцијален пациент во смисла на појава на некои симптоми или да бил во контакт во изминатиот период се постапува согласно алгоритамот, односно епидемиологот го сместува во посебна просторија на граничниот сувоземен премин каде се прават проверките, се прави тестирањето и понатаму се постапува согласно резултатите. Доколку има заболен со коронавирусот тој се спроведува со соодветен пат, на соодветен начин од страна на Здравствениот дом Скопје со соодветно возило, со соодветно подготвен тим до Инфективниот тим во Скопје, каде што постои еден дел за изолација, односно доколку е потребно и карантин, рече Филипче.

Ќе се прави скрининг на сите патници кои влегуваат во државава на граничните премини и аеродромите во Скопје и во Охрид.

– На аеродромот во Охрид има тим епидемиолози со оглед на тоа што во вечерните часови ќе има лет од Милано. Со безконтактен топломер ќе бидат тестирани сите патници кои ќе пристигнат вечерва и за сите ќе биде спроведен целиот овој алгоритам кој го спомнав претходно, рече Филипче.

Тој информираше дека денеска пристигнале и тројцата вработени во компанијата „Синохидро“ по претходна најава на Кинеската амбасада, кои се сместени во Кичево, каде што се сместени и нивните двајца колеги инжинери кои се под здравствен надзор.

– Двајцата инженери веќе биле 14 дена во карантин и се тестирани на вирусот и резултатите се негативни, а за да бидеме двојно осигурани препорачавме уште 14-дневен здравствен надзор. Тие се во добра здравствена состојба и немаат симптоми, истакна Филипче.

Во врска со маските, рече дека има голема количина во Министерството за здравство, а во аптеките може да се набават комерцијално.

– Во смисла на потреба на сите јавно здравствени институции, да се обезбедат сите здравствени работници, вклучително и гранични полицајци маски има сосема доволно, рече Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека не сите заболени деца кои отсуствале од училиште имале грип, туку имало и деца со обични настинки, горно респираторни инфекции.

– Комисијата за заразни болести не донесе препорака за прекин на наставата, а во текот на неделата ќе се анализира бројот на случаи заклучно со понеделник, па ќе излезат деновиве со следни препораки, додаде Филипче. рп/скс/

Изјава на Филипче за коронавирусот

Posted by MИА.mk on Понеделник, 24 февруари 2020

Back to top button
Close
Close