0_Web_АктуелноSport.SlajderОпштествоСпортТема

ФФМ ги „избра“ фудбалерите, за фудбалерките ќе одлучува дополнително, ПЦР-тестови во РФМ и КФМ ќе има рамноправно за сите

По одлуката на Владата за задолжителни ПЦР-тестови пред секој спортски натпревар, Фудбалската федерација на Македонија, за претстојното коло ги тестираше фудбалерите и службените лица од Прва и Втора машка фудбалска лига, од тестирањето беше изоставена Првата женска фудбалска лига, чие коло се одложи.

Скопје, 24 април 2021 (МИА) – По одлуката на Владата за задолжителни ПЦР-тестови пред секој спортски натпревар, Фудбалската федерација на Македонија, за претстојното коло ги тестираше фудбалерите и службените лица од Прва и Втора машка фудбалска лига, од тестирањето беше изоставена Првата женска фудбалска лига, чие коло се одложи.

Одложено беше и колото 23 од Првата женска фудбалска лига, кое требаше да се одигра на 21 април, ден по одлуката на владата.

– Одложени се женските натпреварувања до 27-ми кога ќе има нова одлука од Комисија за здравство, во овој момент, продолжуваат само Прва и Втора македонска лига, информираа од ФФМ за МИА.

Од друга страна, Ракометната федерација на Македонија, веднаш по одлуката на Владата, за МИА потврди дека за преостанатите кола во ракометот, ќе ги покријат ПЦР-тестовите за Супер лига мажи, Прва лига мажи и Супер лига жени.

Кошаркарскатa федерација на Македонија, во моментот по одлуката на Владата донесе одлука да се одложат само натпреварите закажани за 22 април, за потоа, на 23 да излезе со соопштение и потврда за МИА дека ќе овозможи тестови за детекција на Ковид-19 за сите клубови учесници во Прва лига мажи, Прва лига жени, и Втора лига мажи, вклучени во системот за натпреварување во сезоната 2020/2021.

Од Одбојкарската федерација на Македонија, пак, со оглед на тоа што нивното првенство заврши, за МИА изјавија дека имаат добиено донација брзи тестови од Европската одбојкарска конфедерација, за да се тестираат играчите и останатите инволвирани, на секои три дена кога ќе започнат со репрезентативни настапи.

Владата е свесна за финансискиот товар од одлуката, работи на изнаоѓање алтернативни решенија

Ваквите одлуки на националните спортски федерации произлегоа по одлуката на Владата објавена во Службен весник на 20 април, со која на спортските клубови им беше наложено пред секој натпревар да имаат доставено уреден ПЦР-тест доколку сакаат да се одржи истиот. Спортскиот свет реагираше на фактот дека оваа одлука изискува значителен финансиски товар пред крајот на сезоната, која и онака беше тешко изводлива среде пандемија.

Од Владата за МИА изјавија дека се свесни дека задолжителните ПЦР-тестови претставуваат финансиски товар за спортските клубови.

– Проактивно работиме во изнаоѓање  алтернативни решенија со цел системот на натпревари непречено да продолжи. Секако, наш главен приоритет е да го заштитиме здравјето на нашите спортисти и спортистки и да овозможиме безбеден спорт за сите, изјавија оттаму.

Со што дополнија дека бидејќи спортот е комплексен домен и секој спорт има свои специфики во остварувањето на тренинзите и натпреварите и со цел да овозможат безбеден спорт за сите, според нив, важен фактор во донесувањето на одлуки е процесот на консултација.

– Затоа, Владата преку Агенцијата за млади и спорт иницираше формирање работна група составена од лица со експертиза и искуство во спортскиот сектор и претставници на националните спортски федерации. Беше подготвен предлог документ за утврдување на начинот на продолжување на спортските тренинзи и натпревари, со јасни и прецизни насоки околу можноста или ограничувањето при организација на спортски активности, информираа од Владата.

Оваа иницијатива, како што велат, била поддржана од страна на Комисијата за заразни болести, а предлог- документот во кој се следат позитивните практики од останатите земји ќе биде разгледан на следниот состанок на Комисијата.

Непредвидливоста на пандемијата најголема неизвесност за спортот

Пандемијата со Ковид-19 и сите мерки кои беа преземени со цел спречување на истата, меѓу другото, имаа значително влијание врз спортот и спортскиот сектор. Новонастанатата ситуација влијаеше врз тренинзите а се одложија и многу натпревари. Непредвидливоста на пандемијата и постојаното прилагодување на мерките истовремено значеше особена неизвесност за светот на спортот.

Воедно, последната одлука на Владата отвори дополнителен предизвик за спортските клубови, кои доколку остане на ова, ќе бидат приморани, или да издвојат илјадници евра за да ја завршат натпреварувачката сезона, или, едноставно, во моментов да се откажат од истата.

Спортот е важен дел од нашето секојдневие и за истиот, подеднакво за сите, треба да најдеме начин како да овозможиме негова функционалност и безбедна реализација во услови на пандемија.

Ангела Рајчевска 

Таг
Back to top button
Close
Close