0_МИА Истражува.ПорталИзбрано

ФАЦ: Од каде дојде насилството на германските улици

„Што се случува во германските градови?“, се прашува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ) во написот за масовните улични нереди во Штутгард и Франфурт

1 Август 2020

Франкфуртер алгемајне цајтунг 

Масовните и насилни немири на улиците во Штутгард и еден месец подоцна во Франкфурт, ја шокираа Германија.

„Што се случува во германските градови?“, се прашува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ) во написот за масовните улични нереди во Штутгард и Франфурт.

Во Штутгард на 21 јуни, ноќта меѓу сабота и недела, избија немири каде учествуваа повеќе стотици лица. Сликите од дотогаш невиденото насилство, кршење на излози, кражби и конфликти со полицијата, ја шокираа Германија.

ФАЦ пишува дека до крајот на јули криминалистичката полиција во Штутгард идентификуваше 50 осомничени, меѓу кои и две жени, 28 лица од Штутгард и 16 лица од околината. Од нив, осуммина немаат мигрантска заднина, 20 не се германски државјани, туку од Авганистан, Босна и Херцеговина, Грција, Летонија, Мароко, Нигерија, Португалија, Полска и Сомалија. Неколку од осомничените имаат право на привремен престој во Германија. Се работи за лица кои влегле во земјата за време на бегалската криза во 2015 година и 2016 година.

И покрај тоа што полицијата го засили своето присуство во центарот на Штутгард, ноќта помеѓу 10 и 11 јули потвторно избувна насилство, но во помал обем. Единаесет лица беа уапсени, неколкумина се повредени, меѓу нив и повеќе од 200 полицајци, пренесува јавниот сервис СВР.

Масовните немири и судири во Франкфурт се случија ноќта помеѓу 18 и 19 јули.

Слично како при немирите во Штутгард, маса од 500 до 800 луѓе викаше и аплаудираше кога шише или камен ќе ја удреше полицијата.

За време на немирите во Франкфурт уапсени се 39 лица. Според полицијата, освен една жена,  во немирите учестуваа претежно мажи, на возраст од 15 до 23 години. Од уапсените лица, 27 се германски државјани, но поголем број се со мигрантско потекло, известуваат од полицијата. Дванаесет лица се од други земји, Мароко, Сирија, Турција, Шпанија. Голем број од нив се познати на полицијата меѓу другото, за нанесување телесни повреди, кражби или кривични дела со дрога. Од осомничените, 29 лица не живеат во Франкфурт, јави јавниот сервис Тагесау. де.

Според „Штутгардтер цајтунг“ во центарот на Штутгард ќе бидат поставени 30 камери за надзор. Франкфурт, исто така, реагираше и го засили присуството на полиција.

Томас Близенер, директор на Институтот за криминалистичка истрага во Долна Саксонија, за „Фокус онлајн“ изјави дека мерките преземени од полицијата „веројатно ќе ги одвратат потенцијалните сторители“.

Сепак, тој не верува дека видео надзорот ќе спречи улични немири. Безбедносните камери само спречуваат намерни престапи, како што е кражба на автомобили.

Камерите не ги спречуваат ексцесите.

Демонстрациите покажаа дека присуството на голем број добро опремена полиција може да ги засили нападите, а не да ги спречи.

 

Јерг Кинциг, шеф на Криминолошкиот институт во Тибинген, истакна дека   го разбира зајакнувањето на полициските сили на улиците во Франкфурт.

 Но, тој, исто така, додаде дека силното полициско присуство не може да биде трајно решение.

Кинциг не го гледа решението во заострување на безбедносните мерки, туку во борбата против причините.

-Опасно е кога младите остануваат да се грижат САМИ за себе и без перспектива, изјави тој за „Фокус онлајн“.

ФАЦ ги пренесува зборовите на Дизен Текал, која ја основа иницијативата „Германски сон“, за  младите да не тргнат по погрешен пат. Таа вели дека причините за насилството се разновидни и факт е дека многумина што учествувале во немирите имаат мигрантско потекло.

-Но, фактот дека некој станува криминалец нема никаква врска со потеклото, туку со социјалните услови. Кон тоа треба да се додаде и социјализацијата. Овие млади машки мигранти растат во два различни света. Дома, светот е делумно ориентален, патријархален. Тоа оди рака под рака со големиот притисок. А тогаш овие млади мажи излегуваат надвор, на улица, и се однесуваат токму спротивното од она што се очекува од нив дома. Желбите се огромни, а можностите се минимални, изјави таа за ФАЗ.

Текал истакна дека не сака да ги оправда немирите. И за неа, која е дете мигрант, јасно е дека насилството не смее да се толерира.

-Но кога на германските улици се случуваат вакви немири, уверена сум дека ќе се зголемат, тогаш мораме да се запрашаме каде не успеавме“, истакна Текал.

Таа истакна дека има недостаток од култура на доаѓање што јасно дава до знаење „ова е владеење на правото, ова е нашата полиција, овие се еднакви права за мажи и жени, овие се хомосексуалци, тоа  се почитува тука“.

Текал посочува дека кога една земја прима луѓе таа мора да поставува прашања дали тие што доаѓаат го прифаќаат нејзиниот вредносен систем.

Тоа не можеме да го сториме кога ќе одобриме азил, но е веројатно минимум што секој кој доаѓа тука да ги следи правилата.

-Потребен Ви е поинаков менталитет на законот и редот, но и јасна определеност за оваа земја, со правата и можностите што ги нуди. За сите деца – без оглед на нивното име или религија, мора да се создадат исти можности. Знаеме дека ова не е случај сега, дека има недостатоци, на пример на пазарот на домување или на пазарот на трудот, истакна таа.

ФАЦ ја пренесува својата проценка дека кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот само ја влошила ситуацијата и ја зголемила нееднаквоста.

 “Фактот дека парите и можностите се толку нерамномерно распределени е фрустрирачки. Значи, секое повеќе или помалку интелигентно младо лице кое смета дека може да направи нешто, но е спречено да го стори тоа, развива фрустрација и гнев”, додава Текал.

Криминологот Кристија Фајфер за ФАЦ зборува за загубата во корона-кризата.

-Меѓу младите, особено меѓу мигрантите, има многу од нив кои работат на црно. Социјално послабиот дел од општеството стана уште послаб, а со тоа и фрустрациите предизвикани од младите се комбинираат со фактот дека тие се осудени на пасивност. И тогаш за време на викендите се случуваат испади и тие веќе не се во состојба да се справат со својата сила. Нема ноќни клубови за танцување, спортски тренинзи и тие физички немаат вентили, објаснува Фајфер.

ФАЦ пишува дека ова се совпаѓа со проценката на полицијата.

-Викендите секогаш се проблематични, изјави Јерг Радек, заменик претседател на полицискиот сојуз и објасни дека се ограничени можностите за забава.

Клаузирген Маух е  социјален работник во Штутгарт и во последните неколку недели многу често разговара со младите луѓе околу немирите, пренесува ФАЦ.

Тој вели дека настаните во САД, исто така, играат важна улога.

-Младите се свесни дека американската полиција не може да се спореди со германската полиција, но секогаш се идентификува заеднички елемент: заради нашето појавување во јавноста почесто сме контролирани од другите. Ставот на многу млади е – полицијата заслужува да и се случи еднаш вакво нешто , вели Маух.

Тој проценува дека, заедно со други причини за насилство, алкохолот, исто така, игра многу важна улога. ки/сд/

Back to top button
Close
Close