Дописници СветЕвропаЕвропа.Портал

Европските челници ќе одбележат 75 години од ослободувањето на Аушвиц

Претседателите на трите главни институции на ЕУ денеска патуваат за Ерусалим каде утре ќе се одбележи 75-годишнината од ослободувањето на концентрацискиот логор Аушвиц-Биркенау.

Брисел, 22 јануари 2020 (МИА) – Претседателите на трите главни институции на ЕУ денеска патуваат за Ерусалим каде утре ќе се одбележи 75-годишнината од ослободувањето на концентрацискиот логор Аушвиц-Биркенау.

Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската Комисија, заедно со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел и на Европскиот Парламент, Давид Сасоли ќе учествуваат на Светскиот Форум на Холокаустот утре во Ерусалим.

Претседателот на Израел, Реувен Ривин, покани околу 50 светски лидери, премиери, претседатели и министри од Европа, Северна Америка и Австралија на овој свечен настан. Ова ќе биде првата посета на Израел на новата тројка на институциите на ЕУ, но средби со политички лидери не се предвидени на ниеден од нив.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху ќе оствари средба со претседателот на Франција, на Русија и со спикерката на американскиот конгрес, Ненси Пелози, но нема да се сретне со челниците на ЕУ институциите, што се толкува како знак на тензии помеѓу ЕУ и Нетанјаху. Шефот на израелската влада продолжува со илегалните конструкции на палестинска територија и покрај предупредувањата на ЕУ дека тоа претставува јасно нарушување на меѓународното право.

ЕУ ќе ја искористи оваа прилика да ја потврди важноста на борбата против антисемитизмот.

На настанот се поканети и рускиот претседател Владимир Путин, францускиот Емануел Макрон како и британскиот принц Чарлс и потпретседателот на САД, Мајк Пенс.

Иако беше поканет, полскиот претседател, Анджеј Дуда, одби да учествува поради тоа што му било одбиено да одржи говор пред присутните. Неизвесно е до овој момент дали е изнајдено решение за овој дипломатски спор. Логорот Аушвиц се наоѓа во Полска. За полските власти е важно да биде јасно за јавноста дека тој логор не бил полски, туку производ на нацистичка Германија. тм/

Таг
Back to top button
Close
Close