Svet.SlajderЕвропаЕвропа.Портал

Европскиот парламент бара построги закони за домашните миленичиња

Европскиот парламент усвои резолуција со која бара колективна европска стратегија за заштита на домашните миленичиња, со посебен фокус врз илегалната трговија.

Брисел, 22 јануари 2020 (МИА) – Европскиот парламент усвои резолуција со која бара колективна европска стратегија за заштита на домашните миленичиња, со посебен фокус врз илегалната трговија.

Европските пратеници бараат од Европската комисија да изготви европска стратегија која ќе предвидува задолжителна регистрација и идентификација на мачките и на кучињата во Европската унија, како и построги санкции против фалсификувани пасоши за животни.

Една од главните преокупации на европратениците е илегалната трговија со домашните миленичиња, според нив потребно е да се воведат јасни правила за одгледување на домашните животни во сите земји на ЕУ, со што ќе се обезбеди нивната благосостојба, и истовремено ќе се избегне нелојалната конкуренција помеѓу земјите членка, а со тоа и разликата во цените.

Многу миленичиња се одгледувани на нелегален начин, во штетни услови, и се препродаваат ширум ЕУ за евтина цена.

Шверцот претставува траума за животните, најчесто тие се прерано одвоени од мајката и не се соодветно хранети. Притоа, илегалната трговија носи ризик од болести бидејќи тие најчесто не се вакцинирани. Потрошувачите, според пратениците, купуваат миленичиња за поевтина цена без притоа да бидат свесни за ризиците.

Резолуцијата бара во стратегијата на Европската комисија да се вклучи и повик до луѓето да посвојуваат, наместо да купуваат домашни миленичиња.

Дури 74 отсто од граѓаните на ЕУ сметаат дека домашните миленичиња не се доволно добро заштитени законски.

Резолуцијата беше усвоена со 66 гласа за, нула против и три воздржани, и ќе треба да биде изгласана на пленарно ниво во наредните недели. тм/сд/

Back to top button
Close
Close