ЕвропаЕвропа.ПорталСвет.Слајдер

Европската обвинителка алармира дека не располага со доволно средства

Првата европска обвинителка, Лаура Ковеси, на сослушување во Европскиот парламент предупреди дека е потребно значајно зголемување на буџетот за да може првото ЕУ обвинителство да работи ефикасно.

Брисел, 7 февруари 2020 (МИА) – Првата европска обвинителка, Лаура Ковеси, на сослушување во Европскиот парламент предупреди дека е потребно значајно зголемување на буџетот за да може првото ЕУ обвинителство да работи ефикасно.

Првото обвинителство на ЕУ (во кое не учествуваат сите земји членки) треба да истражува прекуграничен криминал и злоупотреба на ЕУ фондови.

Ковеси објасни дека не располага со доволно финансиски средства, ниту човечки ресурси.

Од 29 вработени лица, 25 ќе работат во информатичките и буџетските служби, остануваат само четири лица за суштинска теренска работа, односно во 22-те земји членки кои учествуваат во обвинителството, изјави Ковеси пред европратениците.

-Буџетот на европското обвинителство за 2020 треба повторно да се дискутира и значително да се зголеми, а буџетот за 2021 да се коригира сходно на тоа, изјави обвинителката.

Според неа, за разлика од начелните проценки, нејзината канцеларија од старт ќе треба да се справи со околу три илјади предмети за четворица теренски вработени. На оваа бројка, секоја година би се додавале околу две илјади предмети. ЕУ обвинителството треба да ги анализира случаите индивидуално и да процени кои предмети треба да се третираат на национално ниво, а кои на централно.

Ковеси предупреди дека додека не се решат овие прашања, обвинителството не може да почне да работи. Идната недела таа ќе се сретне со еврокомесарите за правда и за буџет за да се отвори темата. Земјите членки на 20 февруари ќе одржат Самит посветен на буџетската рамка на ЕУ, самит на кои шансите за договор се многу мали, според повеќе земји членки.

Обвинителството  на ЕУ треба да почне да работи до крајот на оваа година според плановите на европските институции.тм/сд/

Back to top button
Close
Close